Според информациите што стигнале до Секторот за операции и координација во Центарот за управување со кризи (ЦУК) во текот на вчерашниот ден биле регистрирани 10 пожари на отворен простор и противпожарните тимови сите пожари до утрово ги изгаснале.
Бројката од 10 пожари изгледа мала, за разлика од неделата кога имаше и беа изгаснати 45 пожари, односно за викендот, за два дена – во саботата и неделата имаше и беа изгаснати 71 пожар. Практично, просекот за последните три денови е по 30-ина дневно пожари на отворено, на целата територија на државата, велат од ЦУК.
Вчерашните пожари при што горела сува трева, ниска вегетација, мешана шума и борова шума биле во општините: Долнени, Гази Баба, Липково, Чучер Сандево, Прилеп, Струмица, Велес, Куманово и во Општина Крива Паланка.
Вчера во 17:56 часот е добиена информација за палење запаливи материјали на улицата „Иван Хаџиниколов“ во близина на ООУ „Рајко Жинзифов“ во населба „Драчево“ во Општина Кисела Вода. Како последица на пожарот се ширел густ чад и неподнослива миризба. За оваа ситуација, РЦУК Скопје веднаш ги известил МВР и Инспекторатот за животна средина на Град Скопје за нивна понатамошна постапка.
Според „Железници на Република Северна Македонија транспорт АД Скопје“ поради пожар на отворен простор и опожарување на железничките прагови, железничкиот сообраќај не се одвива на пругата Велес – Битола.
ЦУК апелира до граѓаните, и покрај влажните метеоролошки услови, да се воздржат од палење огнови на отворено и да не палат отпадоци дури и во нивните дворови, бидејќи ветерот многу лесно може огнот да го пренесе на околната вегетација што се уште е сува, а е и многу нарасната оваа година.