ЦУК: 17 пожари на отворен простор, од нив седум активни и два под контрола


pozar-shuma-depositphotos_215443812_xl.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во текот на денешниот ден до 18 часот во земјава се регистрирани вкупно 17 пожари на отворен простор, од кои седум се активни, два се под контрола, а осум се изгаснати.


Како што соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активни се пожарите во општина Ресен, меѓу селата Бела Црква и Подмочани, каде гори борова шума и ниска вегетација, во општина Сарај, меѓу Копаница и Радуша, со нискостеблеста шума и ниска вегетација, како и над село Нежилово во општина Чашка, во местото викано Сватови, каде гори ниска вегетација и единечни дрвја.

Активни пожари има и во село Урвич, општина Боговиње, со нискостеблеста вегетација, над село Палиград во општина Студеничани, каде гори мешана шума, на патот кон селата Челопек и Стримница во општина Брвеница, со ниска вегетација, како и во село Драгов Дол во општина Македонски Брод, каде гори ниска вегетација и шума.

Под контрола се два пожари – едниот е во реонот кај село Трново во општина Гостивар, со ширење кон селата Битово, Заград и Страјане во општина Македонски Брод, каде гори нискостеблеста шума, ниска вегетација, пасишта и папрат. Вториот пожар е во село Копанце во општина Јегуновце, каде гори мешана шума.

Во текот на денот се изгаснати осум пожари во општина Старо Нагоричане, кај село Челопек, во општина Тетово, покрај патот Попова Шапка – Бачила 1 Мај, во село Милетино во општина Брвеница, во село Неготино во општина Врапчиште, меѓу селата Лажани и Кошина во општина Долнени, во село Ѓавото во општина Богданци, во местото Ленин Врв кај село Црквинец во општина Делчево, како и на патот Јурумлери – Илинден во општина Илинден.

ЦУК информира дека состојбата со пожарите се следи и понатаму.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK