Ермон Незири, член на Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија денеска ќе даде свечена изјава пред претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Скопскиот обвинител Ермонд Незири на 26 април беше избран за член на Советот на јавни обвинители од редот на заедниците кои не се мнозинство во земјава.
Како што информираа од Комисијата за спроведување на изборот, од вкупно 139 обвинители кои го искористиле своето гласачко право, за Ермонд Незири гласале 117, а за вториот кандидат Расим Дреца се изјасниле 16. Комисијата утврди дека шест гласачки ливчиња се неважечки.
– Констатирам дека кандидатот Ермонд Незири е избран за член на Советот на јавни обвинители од редот на заедниците кои не се мнозинство во Македонија. Со ова изборниот процес е завршен и на кандидатот ќе ми биде издадено решение после истекот на рокот за приговор, информира тогаш претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски.
Гласањето беше спроведено на пет гласачки места во републичкото Јавно обвинителство и во четирите виши јавни обвинителства во Скопје, Гостивар, Битола и Штип, при што од вкупно 159 јавни обвинители со право на глас, гласале 139, а 20 гласачки ливчиња останале не искористени.
Инаку, Незири беше кандидат и за претседател на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција на изборите во ноември минатата година, кога за прв човек на ова Обвинителство беше избран Ислам Абази.