–Во присуство на пратеничката Моника Трајанова, градоначалникот на Општина Радовиш Љупчо Почивалец, претставници на институциите и локалната самоуправа, вработени, соработници и партнери, Бучим го одбележа Денот на македонските рудари.
Свеченоста на локацијата Боров Дол, беше посветена на луѓето кои со своето знаење, труд и професионалност го обезбедуваат континуитетот на компанијата и ја продолжуваат рударската традиција на овој крај.
Пред присутните се обрати заменик генералниот директор на Бучим, Ивица Карапетров, кој истакна дека иднината на рудникот се гради преку побезбедни процеси, современи технологии, внимателно планирани инвестиции и континуирано вложување во луѓето.
„Кога зборуваме за иднината на Бучим, најважното прашање не е само што сакаме да постигнеме, туку каков Бучим сакаме да оставиме по нас. Наша задача е она што со децении го создавале генерациите пред нас да добие стабилно и одржливо продолжение. Верувам дека ги имаме знаењето, искуството и, што е најважно, луѓето за тоа да го оствариме“, истакна Карапетров.
Во рамките на традиционалното одбележување, сите вработени во Бучим добија парична награда како признание за нивниот придонес во работењето на компанијата. Дополнително беа наградени 30 вработени од различни организациски и производствени единици, избрани за најдобри врз основа на постигнатите резултати, професионалноста и посветеноста.
Централната порака на одбележувањето беше инспирирана од архивната емисија на Радио-телевизија Скопје „Заедничко богатство“ од 1979 година, посветена на Бучим, како потсетување на повеќедеценискиот континуитет на рударството во Радовиш.
Приказната на Бучим започнува во 1972 година, а во 2021 година, со почетокот на работењето на Боров Дол, беше отворена нова етапа. Во 2025 година двата рудника беа обединети во една компанија, поставувајќи основа за натамошен развој.
Прославата продолжи во Радовиш со концертите на „Меморија“ и „Ареа“, на кои присуствуваа вработените, нивните семејства, граѓаните и гостите.
Настанот уште еднаш ги обедини Бучим и локалната заедница околу професијата што со генерации е дел од идентитетот и развојот на Радовиш.



