Божиќна порака на Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов

mons. kiro Stojanov_23423
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Покрај благодатта што ја донесува божиќната радост во срцата на верниците, оваа година на посебен начин сите ние од Неговата полнота ќе примиме благодат врз благодат (сп. Иван 1,16) излеана преку Црквата во Јубилејната година. Затоа сме повикани како Црква во името на Христа да ја проповедаме благопријатната година Господова! (Лука 4,19)

Католичката Црква, на Бадник, со отворање на Светите Врати во базиликата Свети Петар, го започнува своето ходочестие на надежта во благопријатната година Господова, која е позната уште и како Јубилејна или Света Година и е посебен благодатен момент за верниците и животот на Црквата. Јубилејните години во Црквата се слават на секои 25 години и претставуваат време на покајание и простување. Посебна благодат на Јубилејната година е што верниците имаат можност, преку исполнување на одредени услови, да добијат потполн опрост од времените казни за гревовите, како за самите себе, така и за своите покојни.


Преку евангелистот Иван, божиќната Литургија ни пренесува: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас.“ Божјото Слово, кога се исполни времето, во одреден историски момент стана човек. Но неговиот прв престој на земјата не беше во некоја палата, ниту пак во некое величие, туку се роди, тивко и понизно, во пештера, меѓу животни во штала, во услови под човечките стандарди, во свет што не е подготвен да Го прими. Нашиот Господ не беше добредојден во срцата на луѓето.

Забележуваме многу сличности помеѓу тогаш и денес, и поврзаност помеѓу Рождеството Христово и Јубилејната година! Бог дојде во човечко тело за да донесе помирување помеѓу Бога и човекот, но на нас денес останува дали ќе го примиме и дали ќе ја прифатиме неговата подадена рака, дали ќе го пренесме неговиот мир, простување и помирување во нашето општество.

Покрај духовната корист, Јубилејната година исто така е повик за простување и милосрдие и во општеството. Ова е моментот кога работите во светот и денес треба да ги гледаме од Божја песрпектива, кога човештвото е длабоко рането од гревот, кое посебно се гледа во должничките односи меѓу државите, гладта која убива милиони луѓе во светот и е вистински срам за сите нас, војните кои ја уништуват надежта на повеќе генерации. А Бог повторно му подава рака на човекот.

Затоа Светиот Отец нè повикува, ние христијаните, да бидеме „знаци на надежта“ и да носиме мир во светот, кој му е повеќе од потребен, охрабрување на младите и возрасните, утеха на болните, нежност кон сиромашните, отфрлените и мигрантите. Јубилејната година е повик богатите земји да им ги простат долговите на економски послабите. При тоа не се работи за некава великодушност, туку за правда. Затоа што има вистински „еколошки долг“. Низ историјата, некои земји несразмерно ги трошеле природните ресурси на послабите земји, а трговската нерамнотежа направила еколошки последици. „Ако навистина сакаме да го отвориме патот за мир во светот, треба да работиме на елиминирање на основните причини за неправдата, да ги укинеме неправедните и неисплатливи долгови и да ги нахраниме гладните“.

Зачекорувајќи во божиќната радост и надежта која ја донесува Јубилејот Богомладенецот Христос нé повикува да бидеме отворени за Неговата љубов и во нашите домови, семејства, земја и општество да се отвори перспектива за светла иднината во која ќе бидеме ходочесници на надежта за овој свет.

Исус го започна своето ходочестие на земјата од витлеемската пештера, по раѓањето бил положен во јасли; доаѓајќи во ноќната тишина тивко и без многу врева. Така и преку овој Божик Богомладенецот тивко ни зборува.

 

Ве повикувам и ние да бидеме тивки, да слушнеме што сака да ни каже. Тој дојде кај нас да ги отстрани сите наши стравови, да ја разбуди надежта и во Него да најдеме радост и мир.

 

На сите ви посакувам честит празни Рождество Христово – Божик.  Христос се роди!

 

+ Киро

Скопски бискуп и Струмичко-скопски епарх

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK