Дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, во Демир Капија ги посети полициските службеници од пунктот за борба против илегалната миграција и криумчарење мигранти, во рамки на оперативната акција „Рефлекс“.
„Тука сме директно на терен да посведочиме на остварувањето на работните задачи и планови на полициските службеници, со цел поефикасна борба со сите видови криминал, особено борбата против илегалната миграција, организираниот криминал и корупцијата, а со тоа гарантирање на безбедноста на сите граѓани.“, потенцираше Бојмацалиев. Притоа, тој сподели статистика во делот на сузбивање на илегалната миграција.
„Европската агенција за гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС е на територијата на Република Северна Македонија, по потпишувањето на Договорот помеѓу поранешниот министер Спасовски и еврокомесарката Јохансон. Оттогаш досега ги бележиме резултатите – во 2023 спречени 13.954 нелегални преминувања, од кои на РЦ ЈУГ се 12.000. во 2024 овие два месеца имаме 1.596 на целата територија на државата, 1.057 само за РЦ ЈУГ. Според земјата на потекло, доминираат обидите на лица по потекло од Сирија-1.199 обиди, додека останатите се од Мароко, Непал, Ирак, и во помал број од други земји. Исто така, во рамки на откриените 16 случаи спречено е криумчарење на вкупно 104 мигранти, а мерки на кривичен прогон се преземени против 14 лица, за сторени 11 кривични дела „криумчарење на мигранти“, рече Бојмацалиев, додавајќи дека успехот се должи на работата на контролните пунктови низ државата.
„Ова се бројки кои говорат за одличната координација помеѓу нашите полициски службеници од МВР и службениците од ФРОНТЕКС во насока на намалување на рутата која беше атрактивна од 2015, па се’ до пред две години. Република Северна Македонија повеќе не е атрактивна рута, што се должи и на работата на македонската полиција со повеќе контролни пунктови низ државата во склоп на оперативната акција која трае веќе 4 години”, истакна Бојмацалиев.