Денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, заедно со директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, оствари посета на Центарот за обука во Идризово, по повод официјално отпочнување на градежните активности за реконструкцијата на целиот комплекс на Центарот за обука во Идризово.
„Со задоволство можам да констатирам дека се исполнети сите законски услови за отпочнување на комплетната реконструкција на Центарот што ќе опфати реконструкција на Управната зграда со мензата, двата павиљона за сместување и школски објект со придружните објекти, спортската сала, во вкупна вредност на градежните активности над 180.000.000 денари со вклучен ДДВ.
После 53 години успеавме да го започнеме овој процес на унапредување на условите за настава каде што го регрутираме подмладокот на македонската полиција, а од страна на раководството на Центарот добив уверување дека процесот на реконструкција нема да влијае на наставата за основна обука за полицаец и дека сите активности ќе бидат изменаџирани се со цел да не влијае на квалитетот на обуката”, рече Бојмацалиев.
Тој оствари работен состанок со раководството на Центарот за обука, на кој беше информиран за тековните активности.
„Патот на создавање добар полициски службеник бара посветеност и одговорно и домаќинско работење. Ние како раководство на МВР сме тука да ги обезбедиме сите потребни ресурси и поддршка за да ви овозможиме успешна обука и подготовка.
Наш врвен приоритет е грижата за вработените во МВР, да имаат сè што им е потребно за да ги извршуваат законските должности достоинствено”, рече Бојмацалиев.