„Дозволете ми во свое и во име на МВР да го истакнам значењето на Законот за продажба на станови кои се во државна сопственост, а кој моментално се наоѓа во собраниска процедура. Овој закон претставува значаен чекор напред кон подобрување на условите за живот и работа на нашите вработени. Тоа е израз на признание за нивната неуморна посветеност, труд и жртва што ја прават во секојдневното извршување на полициските работи“, рече дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
„Верувам дека оваа мерка ќе придонесе кон мотивација и задоволство на нашите вработени, а со тоа и кон понатамошно зајакнување на нашата институција. Од круцијална важност е да се одблокира процедурата за донесување на овој закон којшто е пуштен во собраниска процедура уште во 2021 година, поточно 6 јули 2021 година, а кој моментално е заглавен во Комисијата за финансирање и буџет. Овој закон овозможува лицата вработени во МВР и безбедносно-разузнавачките служби, како и оние кои се стекнале со право на пензија во МВР, да ги откупат државните станови кои ги користат подолг период, со што го решаваме нивното станбено прашање“, вели тој.
Според него, недозволиво е некој во македонското Собрание да држи активна блокада и да делува наспроти интересите на граѓаните и на вработените во МВР.
„ Затоа, ве повикувам да застанете на висина на задачата и законот да биде изгласан во интерес на сите нас“, заврши Бојмацалиев.