Битиќи во Куманово: Членството во ЕУ ќе не воведе во нова ера на стабилна и безбедна енергетска иднина

Битиќи-во-Куманово-Членството-во-ЕУ-ќе-не-воведе-во.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Членството во Европската Унија(ЕУ) ќе не воведе во една нова ера исполнета со соработка, иновации и одржливи практики, поттикнувајќи изградба на силна и меѓусебно поврзана енергетска инфраструктура, отпорна на шокови, стабилна во испораката на електрична енергија во вашите домови. ЕУ, ќе значи енергетски безбедна иднина, која ќе биде изградена во здрава животна средина“, порача заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, кој се обрати на осмиот завршен настан од кампањата „Ние сме Европа“, на тема: „Членството во ЕУ од аспект на енергетиката“, кој се одржа во Куманово,.


„ЕУ излезе со својот финансиски влог за Западен Балкан, со кој на нашата држава и се даваат можности да ги користи придобивките уште пред да станеме полноправни членки. Станува збор за Планот за раст на Западен Балкан, со кои 6 милијарди евра се наменети за земјите од регионот, од овие пари, на нашата земја и се достапни околу 850 милиони евра, од кои пари дел ќе се насочат кон правична енергетската трансформација и зелена транзиција на овој сектор. Ние веќе сме лидери на целиот Балкан со инсталирани преку 600 мегавати соларни електрани и приклучени на мрежа кои веќе произведуваат струја, и ако оваа бројка некој ја кажеше во 2019 кога имавме само 17 мегавати, сигурно ќе беше осуден дека не ја зборува вистината и дека креира лажен ПР со преоптимистички бројки“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој истакна дека целта не е само оваа транзиција да се случи, да се има повеќе фотоволтаични централи, ветерници и други извори на обновлива енергија, туку се тоа ова да биде спроведено на праведен начин за сите граѓани.

„На никому нема да му биде ускратена можност за сигурност во снабдувањето со електрична енергија, и таа сигурност нема да биде привилегија само за тие кои се побогати или заработуваат повеќе, туку за сите граѓани на државата. Затоа и Владата, водејќи грижа за секое едно домаќинство, подготвува Инвестициски план, во соработка со Европската банка за обнова и развој, со кој ќе се обезбедат финансиски средства од 4 милијарди евра за период од шест години, од 2024 до 2030 година, обезбедиме праведна енергетска транзиција на земјата кон обновливи извори на енергија“, рече вицепремиерот Битиќи.

Тој посочи дека Владата не седи со скрстени раце, дека креира конкретни мерки со кои енергетската транзиција ќе добие засилено темпо, притоа потсетувајќи дека со новиот деветти пакет на анти-кризни мерки од 662 милиони евра, еден сегмент се насочува кон енергетска транзиција кон обновливи извори на енергија, но и зголемувањето на енергетската ефикасност.

„Ќе го споменам и инструментот на ЕБОР за „зелено финансирање“, со кој обезбедуваме поддршка за малите и средни претпријатија, за поединци и домаќинства, да инвестираат во обновливи извори на енергија и иновативни решенија за енергетска ефикасност во висина од 800.000 евра. Во соработката со Светска банка, предвидени се поволни кредити наменети за општините за инвестиции во енергетската ефикасност, со цел намалување на потрошувачката на струја. За оваа цел се издвоени 10 милиони евра. Во рамките на овие мерки, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница. Ова се само еден мал дел од мерките и политиките кои како Владата ги креиравме за во период на економска и енергетска криза транзицијата кон обновливи извори на енергија да не застане“, рече вицепремиерот Битиќи.

Во своето обраќање, вицепремиерот Битиќи спомена дека полноправното членство во ЕУ ќе донесе енергетски скок кон стабилен и сигурен пристап до електрична енергија.

„Полноправното членство ќе ја олесни интеграцијата на различни извори на енергија, обезбедувајќи сигурно, одржливо и поефикасно снабдување со струја, по цени кои нема да ги оптеретуваат семејните буџети, затоа што енергетскиот систем повеќе нема да биде зависен само од еден извор на енергија. Дополнително, усогласувањето со стандардите и иницијативите на ЕУ постојано ќе го поттикнува усвојувањето на најсовремените технологии, правејќи ја електричната енергија подостапна и по еколошка за вас, граѓаните. Во суштина, полноправното членство во ЕУ не само што го подигнува севкупниот квалитет на енергетскиот систем, туку и гарантира дека секој граѓанин ќе има правичен пристап до струја“, рече вицепремиерот Битиќи.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK