Бектеши: Инвестициски бум во фотонапонски централи, но за еден одржлив систем потребна е дисперзија на процесот низ различни региони

investicija bektasi
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Македонија како држава моментално има капацитет да инсталира над илјада мегавати во фотонапонски централи, меѓутоа во земјава нема рамномерно развиена инфрастуктура насекаде, за да може таа енергија секаде да биде примена и распределена.

Ова го изјави денеска министерот за економија Крешник Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференцијата во Владата.


-Во Македонија во моментов се случува Ел Дорадо на инвестиции на фотонапонски централи, но за да биде одржлив систем тоа треба да се дисперзира или да се децентрализира низ различни региони и затоа со поддршка од УСАИД, Министерството за економија веќе подготви финален драфт на индикативниот план, со кој ќе се стави контрола во локациите, каде можат да се градат вакви централи, рече Бектеши.

Бектеши нагласи дека има голем интерес, потенцијални инвеститори, кои веќе ги почнале процедурите, но ги повика сите инвеститори да разберат дека завршувањето со процесот на урбанизацијата или купувањето на земјиштето не значи и овластување да се направи соларна централа или од друг вид.

Вели тој е горд, што за година и половина со измените и дополнувањата на Законот за енергетика има инсталирано десет пати повеќе енергетски капацитет само од фотонапонски централи. Бектеши додаде дека во земјава има над 200 мегавати, кои се веќе вклучени во мрежата, без разлика дали станува збор за ниско напонска или во мрежата на МЕПСО.

-Очекувањата се до крајот на годината да се надминат 300 мегавати и мора да се повикаме на Стратегијата за развој на енергетиката, која кажува дека мрежата во  Македонија само од фотонапонски централи може да прими околу илјада до илјада и двесте мегавати и тоа доколку паралелно се градат и ветерни електрани, а посебно капацитет, што треба да ја балансира оваа електрична енергија. Најдобар капацитет за балансирање секако би било Чебрене, рече Бектеши.

Повеќето од барањата, според студиите што се изработуваат, вели Бектеши, се во два до три региони во целата држава, но додава дека таму во моментов нема инфраструктура за да ја примат електричната енергија или да бидат вклучени во мрежата, имајќи предвид дека некои од тие капацитети во одредени градови или региони надминуваат над 6000 мегавати.

-Затоа сите инвеститори внимателно да гледаат на можностите за да бидат приклучени, согласно и на можностите за добивање овластување, бидејќи согласно новиот Закон за енергетика овластување над еден мегават дава Владата и Министерството за економија, согласно индикативниот план, кој ќе биде усвоен во наредните две недели и согласно Стратегијата за развој на енергетиката. Ние не можеме да произведуваме се само од фотонапонски централни. Ние мора да имаме и ветерни и биогасни и биомасни, да имаме хидроелектрани и тоа да се се балансира, рече Бектеши.

Тој истакна дека во делот на независноста на Македонија од увоз на електрична енергија од 33 отсто денес сме на 20 отсто и тоа, како што рече, во најголемата енергетска криза, која се памети во Европа, а за првиот квартал од 2023 година процентот изнесува 11.

Бектеши нагласи и дека од мај до септември потрошувачката на електрична енергија не надминува 700 мегавати за домашните потреби, а во одредени часови на овој период има и потрошувачка не поголема од 500 мегавати. Министерот за економија истакна дека и соседните држави работат на транзиција на енергетскот сектор и додаде дека треба да бидеме внимателни како ги градиме капацитетите, бидејќи можеме да се доведеме во состојба да нема каде да се пласира таа електрична енергија, имајќи предвид дека фотонапонските централи работат од мај до септември со 80 отсто капацитет.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK