Бабовски избран за нов генерален секретар на регионалното претставништво на WOAH за Европа

babovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ), Николче Бабовски, во рамки на јубилејното 90. Генерално собрание на делегати на Светската организација за здравствена заштита на животните (WOAH), кое оваа недела се одржува во францускиот главен град Париз денеска е едногласно избран за нов генерален секретар на регионалното претставништво на WOAH за Европа, кое е надлежно за вкупно 53 држави.

На изборот на Бабовски, како што соопшти Владата, му претходеше едногласна поддршка од страна на сите делегати – членови во регионалното претставништво на WOAH за Европа, што претставува признание за долгогодишните заложби и посветеност на Агенцијата за храна и ветеринарство и Владата во насока на креирање ветеринарни политики и имплементација на истите.


– Изборот на Бабовски на оваа функција претставува природен тек на настаните кој произлегува од неговото активно учество во Советодавниот форум на Европската агенција за безбедност на храна (EFSA), член на Глобалната рамка за прогресивна контрола на прекугранични болести кај животните, Европската комисија за лигавка и шап, неговата вклученост во управувањето со имплементацијата на меѓународните стандарди на WOAH, но и националните стандарди кои се во согласност со Европската Унија. Со изборот на Бабовски на оваа функција, Република Северна Македонија преку Агенцијата за храна и ветеринарство обезбедува директно учество во процесот на креирање на политиките од областа на здравствената заштита на животните на светско ниво, но и за прв пат со оваа инволвираност, како институција и како држава, се обезбедува непосредно учество во управните тела на оваа светска организација, менувајќи го досегашниот статус на нашата држава и директно на Агенцијата за храна и ветеринарство, од улога на учесник, во улога на креатор на светските политики за заштита на здравјето на животните и координатор на меѓународната соработка во областа, наведува Владата.

Според Владата, членството во управувачките тела на WOAH за Агенцијата за храна и ветеринарство е мотив плус за јакнење на сопствените административни капацитети, согласно највисоките европски и светски стандарди, но претставува и поголема одговорност како институција одговорна за безбедноста на храната и за здравствена заштита на животните, кон сопствените граѓани, државата и кон меѓународната заедница.

– Со овој чин, WOAH го препозна, потврдува и го валоризира досегашниот професионален ангажман и континуирана работа на Агенцијата за храна и ветеринарство и директорот Бабовски на полето на унапредување на здравствената заштита на животните во земјава, а со тоа и заштита на здравјето на луѓето приклучувајќи се кон глобалниот концепт за „Едно здравје”, пишува во соопштението.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK