30.01.2024 година – „Важноста на функционирањето на јавниот радиодифузен сервис за демократијата во Европа“ беше темата на денешната промотивната конференција на твининг проектот „Зајакнување на капацитетите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и на Јавниот радиодифузен сервис“, спроведуван од германската Фондација за меѓународна соработка (ИРЗ), а финансиран од Европската Унија.
Воведни обраќања на настанот имаа Н.Е. г. Давид Гир, Амбасадор, шеф на Делегацијата на Европската Унија, Н.Е. г-ѓа Петра Дрекслер, амбасадорка на Сојузна Република Германија, г. Марјан Цветковски, директор на Јавниот радиодифузен сервис и д-р Зоран Трајчевски, директор на Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Директорот на Јавниот радиодифузен сервис, г. Цветковски истакна дека вредностите на еден јавен сервис се гледаат преку неговата универзалност, независност, објективност, разновидност и иновативност, како и дека јавниот радиодифузен сервис успеа да ги постигне сите овие квалитети со многу труд и ангажман, а тоа во неколку наврати го потврдуваат и мислењата на Европската комисија и на Мисијата на ОБСЕ.
Директорот на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, г. Трајчевски посочи дека за исполнувањето на своите надлежности и обврски, неопходно е и регулаторот и јавниот сервис да располагаат со соодветни финансиски и човечки ресурси, и изрази надеж дека ќе бидат обезбедени сите предуслови за нивно стабилно финансирање.
Во своето обраќање, амбасадорот г. Гир рече дека ЕУ-проектот одговара на препораките кои се дадени во Годишниот извештај на Европската комисија, во кој се препорачува да се преземат понатамошни мерки за јакнење на финансиската стабилност и независност на медиумскиот регулатор и јавниот радиодифузен сервис. Во Извештајот на Европската комисија, исто така, се критикува несигурноста на која се изложени двете институции како резултат на времените мерки, кои се усвојуваат од година в година, правејќи го планирањето и развојот на двете институции многу тешко, истакна амбасадорот Гир.С
Во вториот дел од панелот се обратија г. Јурген Бурграф, главен говорник, член на Комитетот за правото и политиките на Европската радиодифузна унија (ЕБУ); г-ѓа Анета Андонова, Главен уредник на МРТ; г. Мајкл Кронс, Лидер на Компонента 2 од земјата членка на ЕУ и г. Драган Секуловски, Извршен директор на Здружението на новинари на Македонија.
Главниот говорник, г. Бурграф потенцираше дека според нацрт-Европскиот закон за слобода на медиумите, постапките за финансирање на давателите на јавните медиумски услуги треба да се засновани на однапред пропишани транспарентни и објективни критериуми. Тие постапки гарантираат дека давателите на јавните медиумски услуги имаат соодветни, одржливи и предвидени финансиски извори што се во согласност со исполнувањето на и капацитетот за развој во рамки на надлежноста на јавниот сервис. Токму тие извори всушност, ќе ја заштитат уредничката независност на давателите на јавните медиумски услуги“.