Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) oбјави дека по изгласувањето на предлог измените на Законот за игри на среќа со Европско знаме на редовна пленарна седница на 7 февруари, се подготвени да ги преземат сите правни механизми за спречување на овој, како што велат, штетен закон кој ќе донесе сериозни последици за целата држава.
„Во повеќе наврати и претходно изјавувавме дека ќе ги искористиме сите законски можности, меѓутоа сега, откако истиот единствено чека на потпис на претседателот Стево Пендаровски, сакаме да порачаме дека остануваме на ставот за покренување правни постапки, и тоа за злоупотреба на европското знаменце при целиот процес. Овој закон, без соодветна анализа, истражување и користење на факти и аргументи, а под притисокот на одредени структури кои имаат единствено личен бизнис интерес од овие измени, се истурка под „капата“ на ЕУ, кога е повеќе од јасно дека за негово донесување не постоеше никаква европска директива“, велат од АСОМ.
Како што додаваат, самата потреба од европско знаменце при законските постапки, значи дека се ускратува и постапката од јавна расправа.
„Ние како директно засегнати, сите приредувачи на игри на среќа, не бевме во можност да ги дадеме своите забелешки и коментари на законот. Истиот не беше објавен на ЕНЕР и не беше испочитувана редовната постапка за донесување на еден закон, со што практично беше целосно оневозможено нашето право за јавна дебата. Притоа, во предложените измени воопшто и немаше усогласување на одредбите од Законот за игри на среќа со некоја ЕУ директива, па оттука, се сомневаме на начинот на кој е спроведена целата постапка и сметаме дека ова е класична злоупотреба на европското знаменце“, се додава во соопштението на АСОМ.
Од тука изразија подготвеност да ги преземат сите можности во рамки на законот, дури ако е потребно и кривични пријави за да се докаже злоупотребата на европското знаменце. Воедно, сметаат дека постојат и одредби кои не се усогласени со Уставот, па затоа подготвени се да поднесат постапка и пред Уставниот суд.