Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) најостро реагира за злоупотребата на европското знаменце во Законот за игри на среќа.
„Во повеќе наврати се обраќавме до јавноста и институциите и посочувавме дека во предложените измени воопшто не постои усогласување на одредбите од Законот за игри на среќа со некоја ЕУ директива, со што сериозно се поткопува интегритетот на ЕУ и нејзините вредности. Потребата од европско знаменце се наметнува при законски постапки каде е неопходно усолгасување со некоја од регулативите на европското законодавство, со цел побрз интегритет на земјата во Европската Унија. Во ваков случај, законот се спроведува по брза постапка, но со истото се ускратува и постапката од јавна расправа“, велат од АСОМ и додаваат:
„Ние кои сме директно засегнати и кои чиниме 95% од пазарот на игри на среќа во ниту еден момент немавме можност да ги дадеме нашите забелешки и коментари на законот, со што беше целосно оневозможено нашето право за јавна дебата. Ова е големо преобликување на индустријата и не може да се направи без редовна процедура и дискусија. Исто така, овој закон не постои во ниту една европска држава, ниту пак досега е користено вакво законодавство во ЕУ каде што нашата земја има за цел да интегрира“.
Ги повикуваат институциите, но и претседателот Стево Пендаровски да не го потпишува овој контроверзен закон, кој помина во кратка постапка под знамето на ЕУ, само за да се истуркаат нечии матни бизнис интереси.
„Претседателот и самиот изјави да не се брза процедурата со европско знаменце без сеопфатна и стручна дебата, па оттука, уште еднаш го повикуваме Претседателот да застане на страната на граѓаните и оние 54.000 лица кои ќе останат без основен приход доколку овој закон се спроведе на терен“, завршуваат од АСОМ.