Антикорупционерите пресекоа: ДУИ го прекршила законот, вишокот донации примен во 2022 година место веднаш го вратилa во јули 2023 година

Антикорупционерите-пресекоа-ДУИ-го-прекршила-законот-вишокот-донации-примен-во.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Демократската унија за интеграција го прекршила Законот за финансирање на политичките партии оти во 2022 година примила донации поголеми од законски дозволените, а вишокот пари го вратила во 2023 година место веднаш или во рок од 15 дена по приемот. Државната комисија денес потврди дека прекршок има и дека за него ќе бараат да постапи Државниот завод за ревизија како надлежно тело.


Антикорупционерите утврдиле дека освен физичко лице кое донирало повеќе пари од дозволеното, за што бил првично оформен предметот во Комисијата, партијата примила недозволени донации и од две правни лица.

„Согласно одлуката на партијата и доставените податоци, во прилог беа вирманите во кои се вратени парите, утврдивме дека се вратени но не согласно законот кој вели веднаш или во рок од 15 дена. Заради тоа ние констатиравме прекршување на членот 16 од Законот за финансира политички партии. Надзор, согласно законот е Државниот завод за ревизија (ДЗР). Доколку се утврдат неправилности ДЗР поднесува барање за поведување прекршочна постапка или пријава до ОЈО. Затоа предлагам утврдените прекршувања да се достават до ДЗР за надлежно постапување и до Министерството за правда за информирање за прекршоците“, рече антикорупционерот Шемси Салаи.

Комисијата едногласно одлучи утврдените прекршоци да бидат доставени до ДЗР и до Министерството за правда, но посочија дека има законски недоречености во овој случај оти ДЗР, како надлежен орган за постапување ќе ги добие извештаите од партијата со една година задоцнување, не веднаш, за што утврдија дека треба да биде земено предвид за следните законски измени. За антикорупционерите е проблем и тоа што политичките партии имаат обврска да достават годишни извештаи за донациите до ДЗР и до УЈП, а не и до нив за да можат полесно да постапуваат по пријавите.

ВМРО-ДПМНЕ со месеци држи прес-конференции на кои предупредува дека ДУИ и СДС фаворизираат компании кои експресно го зголемуваат профитот изминативе шест години. Меѓу нив е компанијата „Еуровиа“ која доби тендер од 1.8 милион евра на Министерството за надворешни работи за преуредување на спортската сала „Борис Трајковски“ за македонското претседавање со ОБСЕ. „Еуровиа“ како правно лице донирала во ДУИ 1,8 милион денари наспроти дозволените шест просечни плати, а сопственикот на компанијата, Елмедин Адеми, како физичко лице донирал шестпати поголема сума од дозволеното, односно 2,5 милиона денари. Законот за финансирање политички парти дозволува физички лица да донираат не повеќе од 30 просечни нето плати, а правните лица не повеќе од 60 месечни плати.

Поради овој скандал, министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави дека сопственикот на „Еуровиа“ го знае само од телевизија,  предложи фирми кои се партиски донатори да не учествуваат на тендери од институциите.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK