Претседателот на ДУИ, Али Ахмети денеска во Гостивар одржа прес-конференција на која го потпиша коалицискиот договор за Европскиот фронт со претседателот на Турската демократска партија, Бејџан Иљаз.
Пред присутните Ахмети нагласи дека овој фронт нема да биде за еднократна употреба само за претседателски и локални избори, овој фронт ќе биде долготраен, затоа што интересите се заеднички, не можеме да ги разделиме луѓето кои живеат заедно, бидејќи се создадени како едно семејство.
„Гледам дека на сите во оваа сала денес, им светат очите и се полни со радост. Денеска имам две радости. Првата радост е затоа што се прави вистински историски договор за двете наши заедници и за Албанците и за Турците. Втората радост ми е што за ваков фронт вложувам напори 22 години и еве после четврт век тоа се остварува.
Мислам дека на Охридскиот договор му се потребни сите политички партии за да го променат политичкиот статус во Северна Македонија. Променет е статусот на турскиот, босанскиот и ромскиот народ. За оваа промена ми укажа и покојниот претседател Трајковски, кој ми рече дека со Охридскиот договор и јас сум победил бидејќи е прифатена и евангелиската вера, која во оваа држава не беше признаена. Охридскиот договор е богатство и капитал за заедниците кои беа маргинализирани.
Ми праќаат телеграма од општина Кичево и ме прашуваат, турската заедница бара официјализирање на турскиот јазик во Кичево, а дека јас треба да потврдам со документ потпишан од мене. Воопшто, не се двоумев, на лице место го потпишав документот и во Советот на општина Кичево беше изгласано турскиот јазик да биде официјален“, рече Ахмети.
„Охридскиот договор не само што е зајакнат со овој фронт, туку е челичен за никој да не го урива или гази. Овој фронт се гради со Бошњаци, Турци, Роми и Албанци, тие се оние кои имаат најголема придобивка од овој договор.
Ми остави впечаток изјавата на генералот на Турската армија по повод свеченото отворање на аеродромот на воената авијација во Кучово, Албанија. Покрај, етничките односи меѓу двете земји, тој ги издвои и нашите 500-годишни врски, но особено силните врски, челичните мостови – Албанците од Турција и Турците во Албанија и регионот – најголемата врска меѓу двата народа.
Овој фронт нема да биде за еднократна употреба само за претседателски и локални избори, овој фронт ќе биде долготраен, затоа што интересите се заеднички, не можеме да ги разделиме луѓето кои живеат заедно, бидејќи се создадени како едно семејство.
Имаме само една разлика, а тоа е јазикот, додека сите останати ни се заеднички. Овој фронт и вие, почитувани членови на турската заедница, ќе докажете дека оваа соработка, повеќе од политика, ќе биде братска соработка. Заедно, правиме напори земјата да стане членка на ЕУ, да ги зајакнеме неспорните документи како што се Охридскиот договор, Преспанскиот договор, Договорот за добрососедство, мир и стабилност за земјата и регионот. Затоа, нашето мото не случајно е „ДА за Европа и НЕ на Русија“, бидејќи сакаме мир и стабилност за сите народи во Европа.
Драги браќа и сестри, би сакал да ги ширите овие човечки идеи дека се здружуваме за иднината на нашите деца, тоа се напори колку што се благородни, толку и за доброто на луѓето и семејства за да ја направиме утрешнината уште подобра и со благосостојба, бидејќи големите работи не се прават сами, туку кога сме сите заедно околу целта, со еден камен не може да се изгради ниту ѕид, ниту тврдина, затоа од сите по од еден камен, ќе правиме силен и непремостлив ѕид.
Да живеат нашите народи, да сте живи сите вие, честитки и успеси за овој фронт кој ќе се соочи со уште посилни битки кон остварување на нашите конечни цели“, изјави претседателот на ДУИ, Али Ахмети.