Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска е во еднодневна работна посета на Тирана, на покана од нејзината колешка, Елва Маргарити.
Повод за посетата е примопредавање на незаконски изнесените македонски икони, кои беа случајно препознаени преку албанските медиуми од македонските експерти вo 2013 година.
Станува збор за вупно 20 икони украдени од македонските цркви, претежно од струшкиот регион.
Пред церемонијата на свечено предавање на незаконски изнесените икони од страна на министерката за култура на Република Албанија, Маргарити, предвидена е и билатерална средба на која тема на разговор ќе бидат билатералната соработка и идните заеднички активности во рамките на УНЕСКО.
Според агендата, Костадиновска-Стојчевска во Тирана ќе го посети и македонскиот Културно-информативен центар.
Веднаш по враќањето на македонската делегација, иконите ќе бидат изложени во фоајето на Музејот на Северна Македонија, каде што ќе се одржи пригоден настан на кој ќе присуствуваат премиерот Димитар Ковачевски, поглаварот на Македонската православна црква, г. г. Стефан, претставници од МАНУ и работната група која учествуваше во оваа прва реализирана реституција на културни добра во регионот.