Не само компаниите, туку пред се многу граѓани ќе „настрадаат“ од контроверзните измени на законите за облигациони односи и за извршување, кои беа донесени во минатата година.
Според информации на Фактор, адвокатските канцеларии во земјава се преплавени со предмети од физички лица, кои ќе бидат оштетени од овие закони, и кои затоа решиле да ја бараат правдата.
Како што за Фактор објаснуваат адвокатите кои се упатени во оваа проблематика, примената на законите за измени и дополнувања наЗаконот за облигационите односи и на Законот за извршување, не само што ќе се одрази негативно на работењето на компаниите во земјава, што, пак, ќе го погоди целото стопанство, како и на самите државни органи и институции, туку, што е можеби најбитно, од примената на овие измени ќе бидат оштетени и многу граѓани кои имаат одредени побарувања, односно се јавуваат како доверители.
Фактор, на база на искуството на правните застапници објавува еден вид анализа со неколку конкретни случаи во кои токму физички лица се јавуваат како доверители во извршните постапки, со посебен осврт на влијанието на примената на овие два закони.
Првиот вид на случаи се постапки за т.н. алиментација односно исполнување на обврска на родители за плаќање надомест за издршка на малолетни деца.
Во овие случаеви, како што објаснуваат познавачите, можат да бидат оштетени директно самите деца.
Како што е познато, вакви постапки често се водат во македонското судство, а се поведуваат согласно член 46 од Законот за смејството, каде е јасно предвидено дека „Родителите имаат право и должност да ги издржуваат своите малолетни деца, и да се грижат за нивниот живот и за нивното здравје“ Постапката по овие предмети се спроведува согласно Законот за семејството, при што најчесто овие постапки завршуваат со правосилна и извршна пресуда, со која родителот е задолжен да плаќа соодветен месечен износ на малолетното дете како надомест за издршка.