Европската комисија го објави новиот оглас во рамки на проектот „Истражи ја ЕУ“, во чии рамки на 36.000 млади луѓе родени во 2005 година ќе им бидат доделени бесплатни билети за патување низ Европа, на кој можат да се пријават и македонски државјани.
Огласот ќе трае до 18 октомври во 12 часот по средноевропско време а право на аплицирање имаат родените во периодот од 1 јануари до 31 декември 2005 година, соопшти Комисијата во Брисел.
Учесниците со попреченост или здравствени проблеми можат да донесат придружба.
Кој сака да освои бесплатен билет, прво мора да го покаже своето знаење во краток квиз.
Апликантите кои ќе бидат избрани ќе можат да патуваат низ Европа во период до 30 дена од 1 март 2024 до 31 мај 2025 година.
На огласот може да аплицираат млади од Европската Унија и од земјите опфатени со Програмата Еразмус+, односно Северна Македонија, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка, Србија и Турција.
Учесниците ќе можат да ја истражат новата европска „Баухаус рута“, започната во јануари 2023 година, која има за цел да ги инспирира младите луѓе при изборот на нивните дестинации и да ја подигне свеста за важноста Европската Унија да биде „убава, одржлива, обединета“.
Тие ќе може да комбинираат различни дестинации, да ги посетат европските престолнини на културата и места од листата на светско наследство на УНЕСКО или носители на ознаката за европско наследство.