На комеморативен настан вечерва во Домот на културата 11 Октомври во Ченто беа прочитани имињата на 22 загинати во катастрофалните поплави што ја погодија Општина Гази Баба.
„Денес, со длабока почит, се поклонивме пред споменот на сите оние кои ги загубија своите животи во катастрофалните поплави што во 2016 година ја погодија Општина Гази Баба. Десет години подоцна, болката не е помала. Времето не ги избриша спомените, ниту пак ја намали тагата на семејствата кои ги загубија своите најмили. Нивната болка останува и наша болка. Вечерва на комеморативниот настан во Домот на културата 11 Октомври во Ченто беа прочитани имињата на загинатите за да порачаме дека имаме обврска да се сеќаваме и да ги споменуваме“, објави градоначалникот, Бобан Стефковски.
Вели дека комеморативниот настан не е само потсетник на една голема трагедија туку чин на почит, достоинство и благодарност.
„Изразивме искрена благодарност до сите институции и поединци кои во најтешките моменти покажаа човечност, храброст, солидарност и несебична пожртвуваност. Благодарноста ја изразивме преку доделување плакети за благодарност на: Министерството за внатрешни работи, Армијата на Република Македонија, Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Амбасадата на Република Бугарија во Македонија, Амбасадата на Република Туркије во Македонија, Коце Трајановски, поранешен градоначалник на Град Скопје и Тони Бојковски, координатор на Општина Гази Баба со институциите за справување со последиците од поплавите.
„Во тие денови не постоеја разлики. Постоеше само една цел – да се спасуваат човечки животи, да се помогне на секое семејство и да се врати надежта таму каде што поплавата остави пустош. Нека споменот на жртвите биде вечен, а нивната трагедија вечен потсетник дека човечноста, солидарноста и заедништвото се најсилни токму тогаш кога е најтешко. Никогаш нема да ве заборавиме. Никогаш да не се повтори“, напиша Стефковски.