Често чувствувате дека ви недостига енергија? Немате волја за активност и постојано сте уморни? Препознајте ги навреме симптомите на „прегореност“ и научете да одвојувате повеќе време за себе.
Празниците поминаа, а вие и овојпат ги поминавте неработните денови работно – купувајќи подароци во последен момент, готвејќи покрај шпоретот, подготвувајќи ја куќата за чекање гости и чистејќи ја откако ќе си отидат… Првиот работен ден се разбудивте уморни и нервозни поради обврските кои ве чекаат, со желба воопшто да не излегувате од кревет. Вистина, на сите им се случува понекогаш вака да се чувствуваат, но ако безволноста и заморот траат подолго време, веројатно е во прашање синдром карактеристичен за модерното време – burnout или „прегорување“.
Според класификацијата на Светската здравствена организација, се работи за хроничен стрес во врска со работата кој не се третира на соодветен начин. Независно од тоа за која работа се зборува, дали директор кој поминува 12 часа во канцеларијата или пак некој кој се занимава со домаќинство, во суштина се работи за ментална, емоционална и физичка исцрпеност која е предизвикана од долготраен, интензивен стрес. Статистиката вели дека синдромот на прегорување почесто ги афектира жените, кои на свој грб носат повеќекратен товар. Тука се и секојдневните домашни работи, како и грижата за децата и постарите членови на семејството. И таман кога помисливте дека ја најдовте совршената мултитаскинг формула за успешно жонглирање на сите обврски, може да ви се случи да „прегорите“.
Како да ги препознаете симптомите?
Прегорувањето не се случува изненадно, туку тоа полека се прикрадува, што го прави многу потешко за идентификување. А сепак, нашето тело ни испраќа сигнали за предупредување кога ќе се појават првите знаци. Најчестите симптоми се проблемите со спиењето и хроничниот замор, но неретко се појавуваат и проблеми со имунитетот, главоболки, болки во мускулите, како и намален апетит или тражење на утеха во храната. Карактеристично е и чувството на преплавеност со активности и обврски, пропратено со чувството на бесмисленост. Доаѓа до пад на продуктивноста, како на работното место, така и во приватниот живот.
Можно е да се чувствувате беспомошно, безволно и целосно исцрпено бидејќи прегорувањето навистина може да ја исцрпи сета енергија. За разлика од заморот, кој исчезнува по период на адекватен одмор, тоа не е случај кај овој синдром. Може да се случи викендот или празниците да ги поминете во кревет, а потоа на првиот работен ден повторно да се чувствувате беспомошно и да не гледате перспектива дека било што може да се промени на подобро.
Што можете да преземете?
Најголемата грешка е што се обвинувате себеси дека не сте доволно силни и ефикасни во исполнувањето на она што се очекува од вас, бидејќи причините најчесто доаѓаат од други места: неразумни рокови, премногу обврски, лош менаџмент, слаба комуникација и поддршка. Ако ги препознаете симптомите на кои ви укажува вашето тело кога ви вели „не може повеќе вака“, време е да ги преиспитате вашите цели и да изградите навики кои ќе ви го направат животот поквалитетен.
Пронајдете време за себе: „Резервирајте“ време во вашиот распоред за она што ви годи, баш како што би одвоиле време за било која друга обврска. Испијте на мира шолја од омиленото кафе, прочитајте нешто што ви се допаѓа, слушајте музика и вежбајте.
Делегирајте ги задачите и поставете граници: Мора да сфатите дека не можете и не морате сѐ да правите сами. Делегирајте ги задачите кога можете и поставете јасни граници за да го заштитите вашето лично време.
Воспоставете систем на поддршка: Опкружете се со мрежа од пријатели, членови на семејството или колеги кои ве разбираат и поддржуваат. Споделете ги со нив чувствата и грижите, бидејќи тие се грижат за вас и ќе разберат зошто им се доверувате.
Развијте здрави навики: Постојат огромен број рецепти за здрави и брзи оброци, па затоа прошетајте до најблискиот пазар, одберете некои од омилените намирници и подгответе вкусна домашна храна. Бидете активни, без разлика дали се работи за кратка прошетка во текот на денот, јога, трчање… важно е да одвоите барем половина час за физичка активност. Не одрекувајте се од слободените денови, викендите, ниту пак од годишниот одмор. Вие сте си поважни на себеси отколку што мислите.
На крај, имајте на ум дека дека за целосно опоравување треба време и затоа треба да си допуштите на себеси да имате време. Доколку и покрај сето останато, и понатаму се чувствувате како хрчак во тркалце кој никако да стигне до целта, не се двоумете и побарајте психолошка поддршка. Послушајте го вашето тело дури и ако ја работите токму работата која ја сакате, бидејќи ефектите од burnout можат да бидат и поинтензивни кај ваквите луѓе. Слободно заборавете на времето додека работите нешто во кое уживајте, но немојте да си дозволите да „прегорите“.