Персонализирана терапија за пациенти со канцер, кај нас и искуства од Хрватска

IMG_0042
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Персонализираната медицина и таргетираната терапија го направија најголемиот скок досега во третманот на пациенти со канцер. Врз основа на геномско тестирање и прецизно детектирање на мутации кои довеле до појава на канцер, се одредува терапија која што е точно и прецизно наменета за специфичната болест на секој пациент со канцер одделно. Ваквиот пристап дава најдобра шанса за излекување или значително го продолжува преживувањето на пациентите и со потешките форми на рак, и дури ракот го третира како хронично заболување со кое пациентите живеат. Примената на персонализираната терапија од аспект на здравствениот систем, долгорочно гледано, ги намалува трошоците за разни анализи и неефективни лекувања.

Стручни лица од здравствениот сектор и научната јавност, домашна и странска, на неодамна одржаниот форум во организација на фармацевтската компанија Рош Македонија, МАНУ, Медицински и Фармацевтски факултет дебатираа токму на тема како да се оптимизираат капацитетите кои ги поседуваме во државата, за имплементација на персонализирана медицина и генетско профилирање, со што ќе се подобри патот на пациентот во здравствениот систем.


Персонализираната медицина го прилагодува пристапот во третманот на болеста и го прави поефикасен. На пример, лекарите не ја третираат само болеста, како ракот, туку тие лекуваат „конкретна личност со специфичен карцином“ и тоа „како тој вид карцином ги напаѓа клетките на таа конкретна личност“, што е различно од пристапот за кој било друг пациент.

Во Хрватска веќе се применува овој пристап и досега ги дава посакуваните резултати, сподели д-р Марко Јакоповиќ, шеф на одделот за лечење на тумор на белите дробови во Клиничкиот центар во Загреб. Тој смета дека постои можност и понатаму да се унапреди прифатеноста на персонализираниот пристап во лекувањето на карциномите и на тоа треба интензивно да се работи.

„Во Хрватска сѐ уште не е рутина да се прави сеопфатно геномско профилирање, и затоа одлучивме, онколозите заедно со владата да ја унапредиме нашата медицина во персонализирана, колку што повеќе можеме. Изработен и усвоен е Националниот план за контрола на канцер на Хрватска кој вклучува воведување на геномско профилирање на туморот и развој на Хрватската онколошка дата база, каде ќе биде унифицирано запишувањето на наодите на заболените. На овој начин ќе може да се следат исходите од третманот, за почеток за трите најчести канцер заболувања: бели дробови, дебело црево и дојка“, објасни д-р Јакоповиќ.

Д-р Јакоповиќ додаде дека позитивно во хрватскиот здравствен систем е тоа што е направен специјален фонд од кој се одвојуваат одредени средства за тестирање и третман со целна терапија, т.е. лекови кои сѐ уште не се дел од позитивната листа на лекови. „Организиравме Национален молекуларен тумор борд во кој има онколози, радиолози, патолози, молекуларни биолози и еднаш неделно се состануваме и ги разгледуваме најспецифичните случаи. Ако кој било онколог од Хрватска има пациент кај кој е пронајдена некоја мутација, може да го испрати случајот до овој молекуларен тумор борд за евалуација и обезбедување на специфичен третман преку специјалниот фонд за лекови. Така за сите ретки мутации ако се направи сеопфатно генско профилирање пациентите ќе може да го добијат лекот бесплатно. Тоа навистина добро функционира“, дополни Јакоповиќ.

Моментално во Македонија молекуларни и генетски анализи се прават на Институтот за патологија, во лабораторијата во МАНУ и лабораторијата на Фармацевтскиот факултет и сите анализи се спроведуваат на барање на клиничарите, односно по индикација на докторите. Но, најголемиот предизвик, според одговорните луѓе, посебно од Институтот за патологија, е што сѐ уште има недостаток на кадар што би ги спроведувал овие испитувања, како и недостаток на средства за спроведување на сите потребни тестирања.

Но, искуствата во другите земји, каде се применува персонализираната медицина како Хрватска, кажуваат дека пред да се почне со лечење на кој било онколошки пациент, најдобро би било сите да добијат дијагноза поткрепена со соодветни молекуларни анализи. Со таквите анализи осетливоста е подобра, специфичноста е подобра и значително се зголемува ефикасноста на здравствената заштита во дијагнозата и третманот на болеста, а со тоа и ефектот од терапијата.

Според Јакоповиќ „на молекуларната дијагностика не треба да се гледа секогаш од аспект на трошоци, туку и од аспект на инвестиција во здравјето и преживување на пациентите, затоа што не се трошат средства на терапија што не делува, туку се одредува терапија која што навистина целно делува на специфичниот тип на рак“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK