Интервју Илија Нешковски, специјалист по интерна медицина и супспецијалист по кардиологија – “Имав шанса да играм против Новак Ѓоковиќ и успеав да го победам”

dr ilija neshkovski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK
  • Д-р Нешковски, се занимавате со можеби најпотребната медицинска дисциплина, кардиологијата, што претставуваат кардио-васкуларните заболувања?

Кaрдиоваскуларните болести, за жал и покрај континуираниот развој на медицината во целост, остануваат една од водечките причини за смртност во Европа. Од кардиоваскуларните заболувања секоја година во Европа умираат околу 3,9 милиони жители. И покрај сите превентивни мерки кои се преземаат во европските држави за намалување на смртноста од кардиоваскуларни заболувања (кампањи за здрав животен стил, ограничување на продажбата на цигари и алкохол), статистичките податоци се уште не покажуваат значаен пад на бројот на жители кои страдаат од кардиоваскуларни заболувања, ниту пак се бележи значаен пад на морталитетот.

 


  • Постои ли посебна причина поради која се одлучивте за оваа специјалност? Што ви нуди вас лично а што како лекар?

Постои посебна причина што се занимавам со медицина воопшто, затоа што цел живот го поминав опкружен со медицина и лекари. Мојот покоен татко беше еден од основоположниците на интервентната гастроентерологија во Македонија и човекот кој ја воведе модерната ултразвучна дијагностика во државава. Мојата тетка, исто така е етаблиран гастроентеролог а мојата сестра е успешен педијатар, така што изборот и не беше и така тежок кога е во прашање медицината. Пораснат сум покрај ехо апарати, жици и катетри и таквите околности некако природно ме насочија во изборот на професијата. Кога е во прашање кардиологијата, шансата што ми ја укажа д-р Жан  Митрев да бидам дел од неговиот тим и ми овозможи да се стекнам со знаења, најнапред од областа  на интензивна нега и ургентна медицина од еминентни кардиолози како д-р Тања Анѓушева и д-р Енвер Идоски а потоа и во областа на интервентната кардиологија и ехокардиографија каде учев од врвни интервентни кардиолози како д-р Иван Милев, д-р Жан Зимбаков, д-р Вилма Ампова Соколов и д-р Шпенд Идризи, некако природно ме насочи кон кардиологијата примарно а потоа и кон интервентната кардиологија. Можноста која ми се укажа да професионално „растам“ и работам во еден европски организиран систем како Жан Митрев клиника во турбулентни времиња во кои јавното здравство континуирано е во состојба на нокдаун, е нешто непроценливо.

 

  • Дали после ковид 19 или воопшто во промената на животните навики и трендовите постои тенденција на пораст на овие заболувања?

Ковид пандемијата и тоа како се одрази на квалитетот на животот и здравјето на севкупното население. Бројот на загубените човечките животи, социјалната изолација и целокупната агонија низ која што поминавме за време на пандемијата остави сериозни последици по здравјето на населението. Се почесто денес, во секојдневната пракса се среќаваме со пациенти кои се жалат на психосоматски нарушувања кои ги асоцираат со прележувањето на КОВИД 19 или со примањето на вакцина против КОВИД 19.

 

  • Каде се наоѓа македонското население според бројот и возрасниот опсег на заболени од кардио-васкуларни болести?

За жал статистиката во нашата држава не се разликува од светските трендови кога се во прашање морталитетот и морбидитетот кај кардиоваскуларните заболувања. Како што напоменав, и покрај напредокот кој што го бележиме во третманот на кардиоваскуларните заболувања, воведувањето на нови помалку инвазивни методи и  иновативноста во медикаментозниот третман, сепак кардиоваскуларните заболувања остануваат водечка причина за смртност како во светот така и во нашата држава. За да стекнете впечаток за какво „зло“ станува збор, би сакал да ви посочам еден статистички податок од Заводот за статистика на Република Македонија во кој се истакнува  дека во 2021 година  во пикот на КОВИД 19 пандемијата за која се стекна впечаток дека е главен причинител на смртност, најголемо учество имаат умрените лица од болести на циркулаторниот систем и тоа 41,3% случаи од вкупно умрените, потоа се случаите кај кои како причина за смртта се јавуваат неоплазмите со 17%, со 6,8 % се застапени случаите кај кои причина за смртта е вирусот КОВИД-19 а потоа сите останати заболувања.

  • Кои современи методи во третманот на кардиолошките болести се применуваат во Клиника Жан Митрев?

Со гордост можам да истакнам дека во Жан Митрев клиника се применуваат најсовремените дијагностички, интервентни и хируршки процедури во третманот на кардиоваскуларните заболувања. Во делот на дијагностиката сме пионери во воведувањето на срцевата магнетна резонанца која станува се попопуларна во светот при дијагностиката на специфични кардиоваскуларни заболувања, понатаму во делот на интервентната кардиологија освен коронарните интервенции, кај нас се изведуваат комплексни интервенции на перкутана замена на аортната валвула (ТАВИ) и перкутана репарација на десцедентна аорта (ТЕВАР) како и комплексни интервенции при третманот на вродените срцеви маани. Во делот на хирургијата сме пионери во имплантацијата на уреди за левовентрикуларна и бивентрикуларна срцева поддршка (ЛВАД и БИВАД), а исто така нашите хирурзи го предводеа тимот во првата трансплантација на срце во државава.

 

  • Што е важно и потребно да се поседува при работа со пациенти, посебно вашите?

Според мене една од најважните особини кои треба да ги поседува еден доктор во  односот со пациентите е емпатијата. Единствено емпатијата може да ви овозможи  истовремено да бидете  сочувствителен со состојбата во која што се наоѓа пациентот и  истовремено да бидете доволно фокусиран и професионален за да бидете дел од решението на неговиот проблем.

  • Покрај интерната медицина и кардиологијата, денес се занимавате рекреативно и со тенис и велосипедизам. Двете преокупации бараат голема посветеност, како успевате да ги хармонизирате, односно да ги исполните и своите професионални обврски и личните амбиции?

Со тенис се занимавам од својата седма година. Во периодот до осумнаесеттата година се занимавав  професионално со тенис а потоа работев и како тренер во тек на студиите во неколку тениски школи во Скопје. Особена сатисфакција во тек на тренерската активност ми беше можноста да бидам тренер на двајца американски амбасадори во земјава, господинот Лоренс Батлер и господинот Филип Рикер, а потоа преку тениската игра да станеме и  пријатели со господинот Џес Бејли, кој е особено добар тенисер и вљубеник во тенисот. Кон крајот на студиите кога требаше да ја дефинирам професијата престанав активно да се занимавам со тенис и оттогаш наваму тенис играм рекреативно но редовно (најмалку два до три пати во неделата) со група пријатели кои,  исто така се вљубеници во овој спорт. Во последните три години рекреативно се бавам и со велосипедизам а изборот на овој спорт некако се наметна, баш затоа што ми овозможува да поминувам квалитетно време со семејството и лесно да ги усогласам професионалните обврски со рекреацијата.

 

  • Има интересен факт за вас што малкумина го знаат, пред да се решите да студирате за доктор, сте биле добар тенисер. Дали навистина сте тренирале на самите почетоци со тениската ѕвезда Новак Џоковиќ и на некој турнир сте успеале да го победите?

Како што напоменав претходно со тенис се занимавам од 7 годишна возраст и на 12 годишна возраст ми се укажа можност да бидам дел од тенискиот камп во Копаоник, организиран од тенискиот клуб Партизан од Белград кој во тоа време го водеше познатата тениска легенда, Јелена Генчиќ. Сега веќе еден од најдобрите тенисери на сите времиња Новак Џоковиќ беше дел од кампот а истиот го посетуваше три години по ред. Во завршницата на кампот се одржуваше Генекс куп, турнир на кој се натпреваруваа сите учесници во кампот и во таа прилика во финалето на Генекс куп играв со Новак Џоковиќ и успеав да го победам. Сепак треба да се има предвид разликата во годините (тој тогаш имаше 7 години а јас 12) и мислам дека самиот факт што тој успеа да се пласира во финалето покрај толку повозрасни играчи покажува за каков талент станува збор уште во тоа време.

 

 

  • На што повеќе му давате значење, на докторската професија или на спортот?

Секако дека денес во фокусот на мојот интерес е кардиологијата, тоа е мојата професија. Спортот денес го гледам како ефикасен начин за ослободување од стресот кој што го носи секојдневието и можност за дружење со семејството и пријателите.

 

  • Што би бил вашиот совет, пред се како доктор?

Редовна и умерена физичка активност секогаш препорачувам и од сопствено искуство, но и како еден вид превенција од кардиоваскуларни заболувања. Триесетминутна активност можат многу да променат како се чувствувате а и го редуцираат кардиоваскуларниот ризик. Внимавање на телесната тежина со одржување на здрава телесна тежина и заедно со здрава исхрана, исто така ја подобрува состојбата на кардиоваскуларниот систем. Секогаш и секого советувам да го намали стресот, затоа што многу студии покажале дека стресот наведува посегнување по нездрави навики како пушење и прекумерен внес на алкохол, а тоа влијае во нарушување на состојбата на кардиоваскуларниот систем.

 

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK