Начинот на живот е важен сегмент во превенцијата на секоја болест. Здравиот избор кога станува збор за исхрана, вежбање, избегнување на канцерогени супстанции и намалување на стресот може ефикасно да го намалат ризикот од развој на тумор на мозок, изјави за МИА доктор Висар Мифтари, медицински директор на ЈЗУ УК Неврологија во Скопје, со кој разговаравме на оваа тема по повод 8 јуни – Светскиот ден на тумор на мозок.
– Од голема важност е свесноста за сопствениот ризик. Одредени фактори можат да го зголемат ризикот, познавањето на овие фактори може да помогне навреме да се идентификува ризикот и потенцијалните симптоми, за да може навреме да се прегледа лицето. Главните фактори за тумор на мозок вклучуваат возраст, изложеност на зрачење, фамилијарна историја на тумор на мозок и моментално постоење на рак, кој може да метастазира во мозокот од друг орган. Ризикот се зголемува со возраста. Јадењето многу овошје и зеленчук и намалувањето на холестеролот преку ограничување на масна храна, може да помогне во превенцијата, појасни Мифтари.
Според последните податоци на ИЈЗ, истакна тој, бројот на заболени во нашата земја е во опаѓање.
– Во 2019 година, со дијагнози според МКБ10 С69-С72, биле лекувани вкупно 609 лица, во 2020 година бројката бележи благ раст, односно лекувани биле 713 лица. Во 2021 година, според ИЈЗ, доаѓа буквално до преполовување на бројката и лекувани биле 355 лица. Од овие 64,5 проценти или 229 лица биле од машки пол, а 35,5 отсто или 126 биле жени, што значи дека мажите речиси двапати повеќе заоблувале во однос на жените. Важно е да се напомене дека морталитетот кај овие неоплазми е далеку помал во однос на другите, информација која најверојатно се должи на малата бројка на дијагностицирани, рече Мифтари.
Постојат повеќе видови на тумор на мозок, а меѓу најчестите, додаде, се метастатските со најчест примарен тумор на бели дробови, менингиом кој е всушност тумор на обвивките на мозокот, глиом, глиобластом кој е всушност најчест примарен тумор на мозокот кој за жал има многу мала можност за преживување, од 11-15 месеци по поставувањето на дијагнозата и астроцитом кој може да биде спорорастечки и агресивен.
Најчести симптоми се главоболка, нејасен настап на губиток на свест, постојано чувство на гадење, повраќање и поспаност, ментални или промени во однесувањето, како што се проблеми со помнењето или промени во личноста, прогресивна слабост или парализа на едната страна на телото, проблеми со видот и често се поврзани со локацијата на самата туморска формација.
– На нашата клиника, вкупно лекувани за 2019 е едно лице, 2021 се лекувале три лица, 2022 се лекувале четири лица, а досега во 2023 година, само едно лице со две последователни хоспитализации. Најмладиот пациент кој се лекувал на нашата клиника е роден 1988 година. Бројот на овие пациенти е мал бидејќи третманот на туморите е најчесто хируршки, а кај некои лица се користи и радиотерапија, истакна Мифтари во изјава за МИА.
Не постои начин, подвлече, да се спречи појавата на тумор.
– Луѓето со зголемен ризик може да направат скрининг тестови, но, скринингот не е превенција. Доколку постои фамилијарна историја на тумор на мозок или други наследни синдроми што го зголемуваат ризикот за појава на истиот, може да се направи невролошки преглед и да се тестира видот, слухот, рамнотежата, координацијата и рефлексите, но, не е задолжително, напомена Мифтари.
За повеќе информации за тумор на мозок, МИА се обрати и до Институтот за јавно здравје.
Во 2017 година, според нивните податоци, имало вкупно 170 смртни случаи на малигна неоплазма на мозокот. Од нив, починало едно лице до пет години, едно над пет, две над 10, едно над 15, две над 20, две над 25, три над 30, три над 35, едно над 40, осум над 45, 14 над 50, 14 над 55, 19 над 60, 39 над 65, 29 над 70 и 31 над 75 години.
Во 2018 година имало вкупно 149 смртни случаи. Едно лице над 10 години, едно над 15 а под 20 години, три над 35, две над 40, шест над 45, седум над 50, 18 над 55, 14 над 60, 28 над 65, 25 над 70, 44 над 75 години.
Во 2019 година имало вкупно 140 смртни случаи, од кои едно лице под пет години, едно над пет до 10, едно над 25, две над 30, четири над 35, едно над 40, шест над 45, 10 над 50, 14 над 55, 17 над 60, 28 над 65, 27 над 70, 28 над 75 години.
Сто педесет и четири смртни случаи се регистрирани во 2020 година. Од нив, три лица над пет години, едно над 10 под 15, едно над 20 под 25, две над 30, четири над 35, четири над 40, 11 над 45, 14 над 50, 11 над 55, 23 над 60, 25 над 65, 24 над 70, 31 над 75 години.
Сто седумдесет и еден смртен случај е евидентиран во 2021 година. Од нив, 101 машко лице, а 70 женски лица. Едно машко лице починало до пет години, едно од 10 до 15, едно над 20, две над 25, две над 30 под 35, шест над 40, три над 45, четири над 50, девет над 55, 23 над 60, 26 над 65, 12 над 70, 11 над 75 години. Од женските лица, едно до пет години, едно над 35, едно над 40, пет над 45, три над 50, едно над 55, 15 над 60, 13 над 65, 16 над 70 и 14 над 75 години.