Пинг-понгoт благотворен за лицата со Паркинсонова болест

ping-pong
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Пинг-понгoт бара брзи движења, фина моторика и концентрација. Така, некои стручњаци сметаат дека тоа може да помогне во забавување на симптомите на Паркинсоновата болест. Таков поголем турнир деновиве се одржа во Дизелдорф, Германија.







Луѓе од различни возрасти од 15 земји се собраа во градот за да играат против заедничкиот непријател – Паркинсоновата болест. Настанот годинава е организиран од германското здружение „Пинг-понг Паркинсон“, а на него учествуваа 200 лица заболени со Паркинсонова болест.

– Целта не е да играме еден против друг, туку да се обидеме заедно да го одржуваме топчето во игра. Тие тренинзи не само што се добри за кондиција, туку се и основа за самопомош и разговор. Сепак, недостигаат поддршка и финансии, објаснува Тортен Бомхујз, основач на здружението.

Според Георг Еберзбах, главен лекар во Центарот за Паркинсон Белиц-Хајлштетен во Бранденбург, многу симптоми – како што се тресење на мускулите, вкочанетост или пречки во движењето – може донекаде добро да се третираат со лекови, но засега не е можно целосно да се излечи болеста. Затоа, важно е да се забави нејзината прогресија. Токму тука може да помогне играњето пинг-понг. Сепак, досега за тоа се направени малку научни истражувања.

Според Еберзбах, пинг-понгот, слично како танцувањето и боксот, бара движења што веќе, условно, не се можни за луѓето со Паркинсонова болест во секојдневниот живот.

Покрај тоа, тука се и тренинзите за издржливост, концентрацијата, брзината на реакцијата и искуството на заедништвото при играње во тим. Тоа исто така ги потиснува симптомите на болеста, според Тимо Клајн-Сетбер, раководител на истражувањето за пинг-понг на Спортскиот универзитет во Келн.

– Нашето истражување покажа дека многу играчи сметаат дека концентрацијата и фините моторички вештини на масата им помагаат. Можете на дело да видите дека играчите помалку треперат за време на натпреварите и дека нивните моторни вештини се потечни, објаснува Клајн-Сетбер.

Тој додава и дека многу пациенти со Паркинсонова болест велат дека им треба помалку лекови доколку редовно играат пинг-понг. Во ова е убедена и Хајке Шофен, инаку учесничка на турнирот. Таа вели дека пинг-понгот не само што ѝ ги ублажува симптомите, туку и спречува да биде осамена.

Здружението „Пинг-понг Паркинсон“ е основано 2020 година, денес има над 1.100 членови и тој број е во постојан раст.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK