Рекламна агенција од Филипините се извини откако искористила снимки од други земји во промотивно туристичко видео за својата земја. Во рекламата имало снимки од плантажи со ориз од Индонезија, песочни дини од Обединетите Арапски Емирати и од слетување авиони во Швајцарија.
„Употребата на странски снимки во кампања за промовирање на Филипините е крајно несоодветна и контрадикторна со целите“, призна агенцијата „ДДБ Филипини“, извинувајќи се за „несреќниот превид“.
Филипинската министерка за туризам, Кристина Гарсија-Фраско изјави дека не биле искористени јавни средства за изработка на видеото. Имено, Министерството побарало и потврда од рекламната агенција дека материјалите користени во видеото се нивни и оригинални.
– Во сите прилики, „ДДБ“ постојано уверуваше дека оригиналноста и сопственоста на сите материјали се в ред. Надлежните ќе се погрижат „ДДБ Филипини да сносат одговорност за видеото, соопшти министерката.
Контроверзното видео е направено во склоп на кампањата „Сакајте ги Филипините“ вредна 900.000 долари, почната кон крајот на јуни. Употребата на снимките од други земји првпат беше откриена со анализа на француската новинска агенција АФП и филипинскиот блогер Сас Роганда Сашот. Видеото е отстрането.