Најновата бајка што доби адаптација во живо е омилениот класик „Снежана и седумте џуџиња“ и, додека многумина се возбудени за претстојниот филм што треба да се појави следната година, актерката Рејчел Зеглер, која ја глуми принцезата, има некои размислувања за оригиналниот филм стар повеќе од осум децении.
22-годишната актерка истакна некои проблеми со заплетот на оригиналниот филм од 1937 година, нарекувајќи го морничав и воајерски. Во интервју за „Екстра ТВ“, Зеглер откри дека не е голем обожавател на оригиналната Дизниева принцеза ниту на принцот (го глуми Ендру Бурнап во новата адаптација), кого дури го нарече демнач.
„Оригиналниот цртан филм излезе во 1937 година. Има голем фокус на нејзината љубовна приказна со момче кое буквално ја демне. Чудно! Затоа не го направивме тоа овој пат. Имаме поинаков пристап кон она што таа го прави, сигурно многу луѓе претпоставуваат дека е љубовна приказна само затоа што имаме принц во филмот“, рече Зеглер во интервјуто.
„Сите сцени на Ендру може да бидат исечени, кој знае? Ова е Холивуд, душо! Само не мислам дека веќе е 1937. Нема да биде спасена од принц и нема да сонува за вистинска љубов. Таа сонува да стане лидер каков што нејзиниот покоен татко ѝ рекол дека може да биде, ако е бестрашна, искрена, храбра и чесна.“