Еден од најголемите кинески производители на пиво објави дека менаџментот отворил истрага откако оваа недела се појави видео на вработен во фабриката како уринира врз суровини.
На видеото објавено на интернет во четвртокот наводно се гледа работник во складиштето на пиварницата Цингтао додека се качува на контејнер со високи странични ѕидови и уринира во неговата содржина.
Клипот кружеше на кинеските социјални мрежи и собра десетици милиони прегледи на популарната платформа Веибо.
Компанијата Цингтао вчера соопшти дека контактирале со полицијата за инцидентот и дека истрагата е во тек. „Нашата компанија му придава големо значење на видеото кое излезе од пиварницата Цингтао бр.19 на 19 октомври“, се вели во соопштението на производителот на пиво.
„Го пријавивме инцидентот во полиција штом можевме, а во истрагата беа вклучени и органите за јавна безбедност“, се додава.
„Во моментов, предметната серија слад е целосно запечатена. Компанијата продолжува да го следи процесот на управување во обид да го обезбеди квалитетот на производот.
Многу корисници на социјалните мрежи луто реагираа на видеото и изразија поддршка за еден од најпознатите кинески брендови за пијалоци.
„Предлагам компанијата да го одведе овој човек на суд и да го натера да плати отштета за штетата“, напишал еден корисник на Веибо, а некои ја искористиле можноста да се потсмеваат на познатиот пијалок.
„Отсекогаш сум велел дека пивото овде е како коњска мочка. Излезе дека згрешив“, коментирал еден од нив, додека друг напишал: „Фала, мислам дека отсега ќе пијам вино наместо пиво“.
Цингтао е втората по големина кинеска пиварница и добро стои на берзата во Хонг Конг, а бројните барови низ Источна Азија обично ги полнат своите фрижидери со овој вид пиво.
Во последниве години, компанијата се обидува да се прилагоди на вкусовите на помладите кинески потрошувачи преку промени во производството на крафт пиво и други производи.