Шерон Стоун се осврна на тоа како со текот на годините го надминала имиџот на „секс-симбол“ во Холивуд, додека примаше признание за својата филантропска работа и залагањето за правата на жените на настанот „Варајатис Повер оф Вомен“.
Актерката, која светска слава стекна со еротскиот трилер „Основен инстикт“ од 1992 година, изјави дека жените имаат голема моќ и влијание и преку секојдневните одлуки што ги носат.
„Мислам дека е многу важно да признаеме дека сите сме жени со моќ и влијание“, рече Стоун.
Таа ги повика жените својата моќ да ја користат сочувствително и промислено, грижејќи се една за друга.
За време на церемонијата, Стоун зборуваше и за својот ангажман со Американската унија за граѓански слободи, како и за сопствениот животен пат.
„Јас сум производ на американскиот сон“, рече актерката, потсетувајќи дека нејзиниот татко бил фабрички работник во Пенсилванија.
Осврнувајќи се на годините кога важеше за еден од најголемите секс-симболи во Холивуд, Стоун рече дека денес својата сила ја црпи од солидарноста со другите жени.
„Моќта што ја чувствувам доаѓа од тоа што стојам меѓу вас и што не стојам сама“, порача таа.
Стоун беше меѓу жените од забавната индустрија кои добија признание за својата филантропија и општествен ангажман.