Бали, тропскиот рај во Индонезија, е прогласен за најромантичната дестинација во светот на World Travel Awards 2024, зацврстувајќи ја својата репутација како најдобра дестинација за парови кои бараат незаборавни искуства.
Според News.com.au, Бали ги победи местата како Малдиви, Карибите и Маурициус и ја освои престижната титула. Ова е првпат ова место во Југоисточна Азија и Индонезија да го добие ова признание.
Познат е по своите недопрени плажи, природниот пејсаж и богатото културно наследство и со години е омилен меѓу патниците, а се повеќе парови организираат свадби или меден месец таму. Романтичниот шарм на Бали му ја донесе титулата за најдобра дестинација за меден месец според TripAdvisor.
„Ова признание не мотивира да продолжиме да ја покажуваме убавината на Индонезија на светот и да се погрижиме Бали, заедно со другите дестинации, да блесне уште повеќе“, велат од индонезиското Министерство за туризам.
„Редовно рангиран меѓу најдобрите светски туристички дестинации, Бали нуди ретка комбинација на богато културно наследство, неверојатна природна убавина, гостољубиви луѓе и широк спектар на искуства. Познат како остров на боговите, неговата длабоко вкоренета духовност е во целосна спротивност со модерната слика на раздвижената туристичка дестинација. Оваа динамика е она што го прави Бали бескрајно фасцинантен и често погрешно разбран“, порачаа на World Travel Awards.