Принцот Хари го загуби случајот што го покрена против властите во Вишиот суд на Обединетото Кралство за нивото на полициска заштита што ја добива додека е во својата татковина.
Војводата од Сасекс се обидуваше да ја поништи судската одлука со која неговиот безбедносен статус во Британија повеќе не е главен приоритет, откако реши да се повлече од функцијата активен член на кралското семејство. Неговите адвокати тврдеа дека одлуката е донесена неправедно.
Министерството за внатрешни работи претходно објасни пред судот дека безбедноста на принцот Хари се одлучува од случај до случај.
Ова значи дека принцот сè уште добива обезбедување финансирано од државата, но само за „договорени аранжмани, приспособени конкретно за него“, наместо автоматски да му се даде заштита што ја имаат активните членови на британското кралско семејство.
Најголем број рочишта се одржани во текот на декември без присуство на јавноста, а пресудата денеска, 28 февруари, ја донесе судијата Сер Питер Лејн, пишува Би-Би-Си.
Минатата година, судот го одби барањето на војводата од Сасекс приватно да плати за полициска заштита кога ќе го посети Лондон.
Комитетот кој одлучува дали на јавните личности им е потребна полициска заштита, рече дека ќе се создаде опасен преседан за да им се овозможи на луѓето практично да користат припадници на полициските сили како приватни телохранители.