Раперот Џеј Зи, продуцентот Тимбаленд и аренби пејачот Џинувајн го убедија федералниот судија на Менхетен да ја отфрли тужбата на соул-музичарот Ерни Хајнс, кој тврдеше дека незаконски семплирале една од неговите песни од 1969 година.
Американскиот окружен судија Пол Оукен во понеделникот пресуди во полза на обвинетите, нагласувајќи дека хитот на Џеј Зи – Paper Chase и хитот на Џинувајн – Toe 2 Toe, и двете напишани и продуцирани од Тимбаленд кон крајот на 90-тите, не ги прекршуваат авторските права на Хајнс во неговата песна Help Me Put Out The Flame (In My Heart).
Адвокатот на Хајнс не одговори веднаш на барањето за коментар за одлуката.
Претставник на „Ворнер мјузик“, обвинет во случајот, одби да коментира.
Хајнс првпат покрена тужба поради песните во 2019 година, тврдејќи дека тие копирале дел од воведот на неговата песна. Обвинетите рекоа дека делот не е подобен за авторски права затоа што е преземен од т.н. сток-фраза (музичка фраза, форма или ритам) во дело од 1914 година, Mysterioso Pizzicato, што се користи во најмалку 28 други песни и стана синоним кај филмските негативци.
Судијата Оукен се согласи дека песната на Хајнс „позајмува од многу користено дело кое е во јавен домен и додава материјал кој не е доволно оригинален за да биде заштитен со авторски права.“
Оукен, исто така, рече дека релевантните делови од песните на Џеј Зи и Џинувајн не се доволно слични за Хајнс да покаже кршење на авторски права, дури и ако неговиот вовед е заштитен со авторски права.