Збирката „Дни, години“ на Димитар Башевски добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ на СВП

bashevski
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Збирката „Дни, години“ на македонски поет, романсиер, книжевен преведувач и издавач Димитар Башевски е добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2023 година што ја доделуваат Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска збирка меѓу две фестивалски изданија.

Добитникот беше соопштен на денешната прес-конференција во Струга од страна на жири комисијата во состав: Веле Смилевски – претседател и Милован Стефановски, Славица Гаџова Свидерска, Трајче Стамески, членови.


Во образложението, комисијата оценува дека наградената стихозбирка „Дни, години“ од Димитар Башевски, објавена во издание на „Слово“ од Скопје, претставува значаен прилог во новите текови на современата македонска поезија.

– Станува збор за книга со длабоки животни промислувања кажани преку наизглед едноставен поетски јазик. Димитар Башевски сведочи дека неговите поетски вертикали, чии корени се во минатиот век, и натаму се одликуваат со творечка виталност, со жив и сочен поетски говор и со сугестивен и актуелен тематско поетски простор. Притоа тој мајсторски се потпира на досега стекнатото творечко искуство, стои во образоложението.

Песните на Башевски, како што е наведено, носат наталожени животни и творечки искуства вклопени меѓу кориците на една стамена книга на автор од формат, чии резимирачки поетски изблици претставуваат густ и во исто време прочистен и прозрачен сублимат со слоевити значења и пораки.

– Тие и такви песни се своевидни „зборовни гнезда“, според една негова синтагма, кои имаат специфична улога: тие колку што одгатнуваат, толку загатнуваат, внесувајќи не во неизречивото, до таа едноставна, „таа суштина чиста“. На тој начин стихозбирката „Дни, години“ се издига на степен на исклучително поетско дело со богата и модерна изразност на „проста и строга песна, пишува во образоложението на жири-комисијата.

Во потесен круг за наградата „Браќа Миладиновци“, покрај книгата „Дни, години“ на Башевски беа и „Две мориња“ на Јосип Коцев, „Мед и младост“ на Гордана Михаилова Бошнакоска, „Филмски песни“ на Дејан Трајкоски и „На врв на јазикoт“ на Катица Ќулавкова.

Димитар Башевски, романсиер, раскажувач, поет, преведувач, издавач. Роден во 1943 година во с. Ѓавато, Битолско. Завршил Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методија“ во Скопје. Автор е на повеќе дела меѓу кои „Туѓинец“, „Враќање“, „Нема смрт додека ѕвони“, „Една година од животот на Иван Плевнеш“, „Куќата на животот“, „Сарајановскиот каранфил“, „Дневникот на Ања“, „Прозорци“, „Мајсторот“, „Скршнувања“, „Круг“… Негови книги се преведувани и објавувани на англиски, чешки, грчки, романски, српски, турски, бугарски, црногорски и албански јазик. Избори од неговата поезија се објавени на англиски јазик во Лондон, на грчки јазик во Атина, на романски јазик во Букурешт и на српскијазик во Белград. Застапуван во поголем број антологии на македонската литературa во земјата и во странство и во македонските енциклопедии.

Добитник е на наградите „11 Октомври“, „Рациново признание“, „13 Ноември“, „Ванчо Николески“, наградата Роман на годината (“Утрински весник”) за романот “Бунар”, како и државната награда за долгогодишни остварувања „Св. Климент Охридски“. Романот „Бунар“ во 2002 година беше номиниран за меѓународната награда „Балканика”, додека книгата раскази „Мајсторот“, беше во најтесниот избор за меѓународната „Његошева награда“ за 2015 година.

Наградата „Браќа Миладиновци на Башевски ќе му биде врачена, традиционално на манифестацијата „Мостови“ на фестивалот Струшки вечери на поезијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK