Започнува „Скопски брас фестивал“

bras-festival
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Третото издание на „Скопски брас фестивал“ започнува денеска и ќе трае до недела. Оваа година во рамките на фестивалот ќе се одржат три концертни настани, еден семинар, детска работилница и изложба на инструменти од брендовите на „Буфет Крампон“. Како главен гостин на ова издание е светски познатото дуо „Штајнер/Хохвартнер“ составено од Питер Штајнер на тромбон и Констанце Хохвартнер на пијано, информираат од Здружението „Макбрас асоцијација“.

– Питер Штајнер е предводник на новата генерација на тромбонисти, а како член на ова дуо има одржано повеќе од 100 концерти во САД, Австрија, Тајланд, Јапонија, Германија и други земји. Победник е на натпреварот „Чајковски“ во Русија, а има настапувано како солист со оркестрите Марински и симфонискиот оркестар на Рио де Жанеиро. На 23 години се вработува во престижната Виенска филхармонија, а настапува како прв тромбонист со најдобрите оркестри како Минхенска, Њујоркшка, Дрезденска филхармонија, како и со симфониските оркестрите на БиБиСи и Далас. Својата едукација ја добива на факултетите во родното Болцано и на познатиот „Моцартеум“ во Салцбург, а се дообразува на најпрестижниот музички факултет во Њујорк, Џулијард. Покрај концертот, дуото ќе одржи и семинар во сабота, се додава во соопштението.


Концертите во недела ќе се одржат на две локации.

– Утринскиот во градскиот парк, на „Школка“. Овој настан ќе започне со интерактивната детската работилница „Фамилија Металковци“ на која најмладите ќе се запознаат со лимените дувачки инструменти преку звуците на „Дизни“. Потоа следува концерт и парада на Градскиот дувачки оркестар, како и настап на „Скопски брас квинтет“, „Квартет тромбони“. Затворањето на фестивалот ќе се одржи во кафе бар „Централ“ на улица „Македонија“ со настап на домашните „Брас браќа“ и „Брастет“. И оваа година се надеваме дека ќе продолжиме со промоцијата на лимените дувачки инструменти и негувањето на културата на изведување на секаков вид на музика на истите, но и дека публиката ќе ужива во звуците на лимените инструменти, се истакнува во соопштението.

Настанот е спонзориран од Министерството за култура, Град Скопје и „Пивара Скопје“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK