Актерот Васил Зафирчев во емотивен статус на социјалните мрежи се збогува со бардот на македонскиот театар, Мето Јовановски.
Зафирчев кој Јовановски го опишува не само како негов многу драг и почитуван колега, туку и пријател, вели дека како гром од ведро небо го погодила веста за неговата смрт.
„Единствен и неповторлив. Топол, едноставен и скромен во приватноста, а жив оган на сцената и филмското платно. Најголемиот меѓу големите. Најмаркантното и најреферентното актерско име на нашиот театар и филм“, вели Зафирчев.
Тој изрази бескрајна благодарност за искреното пријателство кое двајцата го споделувале, но и советите на Јовановски и препораките со кои растел и созревал како актер.
Актерот Мето Јовановски почина на 77-годишна возраст. Беше еден од најпознатите македонски театарски, филмски и телевизиски актери кој ќе остане запаметен по голем број филмови, меѓу кои „Среќна нова ’49“, „Тетовирање“, „Нечиста крв“, „Пред дождот“, „Прашина“, „Големата вода“, „Тајната книга“, „Деца на сонцето“. Добитник е на голем број награди и признанија. Една од неговите најпопуларни телевизиски улоги беше онаа на Осамениот во серијата „Опстанок“. Пред 20 дена ја одигра неговата последна театарска претстава во матичниот Драмски театар, насловена „My name is Goran Stefanovski“.
Драмскиот театар изрази сочувство до почитувачите на Јовановски, и најави дека дополнително ќе биде објавено времето за оддржувањето на комеморацијата.