На погрешна адреса упатуваат обвинување за мобинг и неправилно работење на Филхармонија. Има инстанци каде ова треба да се пријави, но не е решение собирање на потписи, кое што притоа е дискутабилно. Ова го истакна министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, откако Синдикатот на Македонската Филхармонија поднесе петиција до Министерството за култура, со барање за итно разршување на директорот Даниел Лазаровски, тврдејќи дека вршел мобинг врз вработените.
Костадиновска-Стојчевска рече дека пред избори се гледа шанса за да покажат моќ пред својот надреден, како што беше и случајот со НУ Џез оркестарот.
Министерката додаде дека синдикатот на култура во Филхармонија ако има какви било сознанија за неправилности, има каде тоа да го пријави, а не со собирање на потписи, но и фалсификување на одредени потписи.
По нејзината изјава следеше реакција од Синдикатот. Од тука велат дека Костадиновска-Стојчевска преку својот коментар во медиумите се обидела да ја оспори петицијата потпишана од 100 вработени во институција за смена на в.д.директорот.
„Ова не е првпат министерката за култура да застане против вработените во Филхармонија, истото го стори и минатата година со Џез оркестарот, кога сакаше да го смести во објектот изграден наменски за потребите на нашата институција. И сега, повторно сака да ја изманипулира јавноста дека станува збор за сценарио, дека потписите биле фалсификувани и дека петицијата за смена на в.д. директорот е нелегитимна форма на официјална колективна молба“, се вели во реакцијата.
Од Синдикатот понатаму додаваат дека петицијата за смена на директорот ја доставиле на вистинската адреса, бидејќи директорите на Филхармонија ги именува и назначува токму министерството, кое го назначи и Даниел Лазаровски.
„Наместо да работите против најстарата институција во државата, сега е вистинско време да покажете на дело дека имате доблест да си ги признаете грешките, бидејќи токму вие, во септември, минатата година го назначивте сегашниот в.д. директор на нашата институција“, велат од Синдикатот до министерката.
Претходно реагираше и Лазаровски кој целосно ги отфрли обвинувањата на Синдикатот, меѓудругото коментирајќи дека извршувањето на работните обврски не е мобинг.