Известувачката за Косово во Европскиот парламент (ЕП), Виола вон Крамон ги повика косовските власти да ги повлечат специјалните единици на полицијата од северот на земјата, населен со мнозинско српско население, и да седнат на преговарачка маса, јави МИА од Приштина.
Вон Крамон рече дека единствен начин за решавање на напнатата ситуација, предизвикана од влегувањето со полициско обезбедување на новоизбраните градоначалници Албанци во општинските згради во северно Косово и денешните протести на локалните Срби против нив, е дијалогот и конструктивното однесување на сите засегнати страни.
На денешната прес-конференција во косовкста престолнина, претставничката на ЕП оцени дека Владата на Косово „ризикува со маневрирањата на северот“ на државата.
– Дали е тоа начинот на „добро владеење“ кој што го сакаме. Наместо тоа, треба да имаме повеќе мерки на градење на доверба. Дијалогот внатре во Косово е единствениот начин за излез од оваа ситуација. Ги повикувам косовските власти да размислат за преземање мерки за градење на довербата. Како пример, да ги повлечат специјалните единици и да седнат на преговарачката маса. Инволвираните страни да се заложат конструктивно во дијалогот за решавање на спорните прашања, изјави вон Крамон.
Таа рече дека новите градоначалници се избрани на легитимен начин, но оцени дека „никој не може да владее со еден или два отсто освоени гласови“.
– Јас го посетив северот на земјата и сум загрижена загтоа што ситуацијата е напната. Таму има многу припадници на специјалната полиција. Градоначалниците се избрани легитимно, но тоа не подразбира дека тие имаат легитимна моќ да влезат во објектите и тој пристап да го обезбедат со употреба на сила. Никој не може да владее со еден или два отсто освоени гласови. Ситуацијата не е стабилна, изјави вон Крамон.
На вонредните локални избори на 23 април годинава, кои Србите ги бојкотираа откако претходно минатиот ноември ги напуштија централните и локалните институции, победија кандидатите на партиите на етничките Албанци, но со исклучително ниска излезност на граѓаните со право на глас.