Во Ресен доделена наградата „Актер на Европа“ за животно дело на Енико Есењи од Унгарија

opshtini
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Енико Есењи, актерка и режисерка од Унгарија, синоќа во Сарајот во Ресен ја доби наградата за животно дело „Актер на Европа“ за 2023 година, која традиционално ја доделува истоимениот интернационален театарски фестивал.

Есењи, носителка на унгарски престижни државни награди и на Орден за заслуги на Република Унгарија, актерка која одиграла бројни главни улоги во драмски дела меѓу кои Лејди Ен, Лејди Магбет, Клеопатра, Росалинда, Нора во делото на Ибзен „Куќа за кукли“, за која беше избрана за најдобра актерка на Унгарскиот театарски фестивал, од синоќа е најнов лауреат на фестивалот во Ресен.


-Вие сте во Преспа и ве прогласуваме за „Актер на Европа – 2023“, пред оваа зграда на Сарајот подигната во европската Бел епок, на истото место каде биле прогласени, легендарниот Љуба Тадиќ од Србија, култниот актер Питер Брук, потоа Брус Мејерс од Лондон, Ана Петерсон од театарот „Стриндберг“ од Стокхолм, Марсел Бозоне, директорот на „Комеди франсе“, бесмртната актерка на Словенија, Милена Зупанчич, како и повеќе други имиња кои се на врвот на театарска Европа. Вечерва, овде во Македонија, ќе ви подариме една вистинска историја и легенда за да ја играте имагинарно и реално во оваа божествена преспанска ноќ, улогата на унгарската принцеза Маргарита која како претставничка на унгарската династија Арпади и сестра на првиот крал на Унгарија Свети Иштван се омажила за синот на балканскиот и македонскиот Цар Самуил, принцот Гаврил Радомир, рече меѓудругото претседателот на фестивалот Јордан Плевнеш.

Во името на градот домаќин, гостите од државата и странство ги поздрави градоначалникот Јован Тозиевски кој потсети на традиционалниот домаќински пречек, на важоста на фестивалот, и освен на актерката Есењи, награда му додели и на ресенчанецот Ласко Џуровски, истакнат македонски дизајнер и типограф, кој го доби признанието „Клучевите на Преспа“.

На синоќешното свечено отворање уметниците Елена Христова и Владимир Стојчевски изведоа изворни песни македонски, грчки и албански јазик. Фестивалот вечер продолжува со изведба на претставата „Среќата е нова идеја во Европа“ на Јордан Плевнеш, како Меѓународен театарски проект на Академија Балканика Еуропеана, под покровителство на УНЕСКО.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK