Во Битола промоција на романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски

roman
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Книгоиздателството „Матица македонска“ во Офицерскиот дом во Битола ќе го промовира романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, посветен на љубовта на Гоце Делчев и Јанка Каневче.

Книгоиздателството „Матица македонска“ потсетува дека во романот за првпат се објавуваат автентични сведоштва „за тајните средби на Гоце и Јанка, за интимните моменти, за плановите што ги имале, за венчавката што ја замислувале, но и за траумите на Јанка од загубата на саканиот, за болеста што ја разјадува, за лузните што ги чувствува до крајот на животот распната меѓу она што го носи во срцето и она што го живее како судбина“.


Големата љубовна одисеја на Гоце и Јанка почнала кога таа имала дваесет и две, а тој дваесет и осум години. Траела речиси три години, до крајот на неговиот живот. Планирал да се ожени со неа веднаш по Илинденското востание, но не успеал да го преживее предавството. Неколку месеци пред убиството во Баница му оставил аманет на својот пријател Герџиков, ако тој загине, Герџиков да се венча со Јанка, но само „ако се родат некакви чувства“.

Новиот роман на Миневски ќе го претстават Раде Силјан и Милица Димитријовска-Радевска, извадоци ќе чита доајенот на македонското глумиште Петар Мирчевски а Драган Мијалковски пред битолската публика ќе ја отпее „Кукни, кукни кукавице“, омилената песна на Гоце Делчев.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK