Во Белград проекција на реставрираната верзија на првиот македонски игран филм „Фросина“

frosina
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамки на манифестацијата Денови на македонската култура во Белград, „Допир на Македонија“, во организација на здружението „Македониум“ вечерва во салата „Макавејев“ во Југословенската кинотека ќе биде прикажана реставрираната верзија на првиот македонски игран филм „Фросина“.







Македонското аудиовизуелно наследство, како и современата филмска продукција ќе ја претстави филмологот Дамјана Патчева од Кинотеката во Скопје.

„Фросина“ е првиот македонски игран филм, по сценарио на писателот Владо Малески, а во режија на Воислав Нановиќ. Премиерата е одржана на 28 јуни 1952 година во кино „Култура“ во Скопје. Снимен е во црно-бела технологија, на лента од 35 мм, во времетраење од 79 минути. Во чест на 70-годишнината од снимањето на ова дело се појавува реставрирана верзија, односно Blu-ray диск.

Жанрот на филмот е социјална драма за постоењето, печалбарскиот живот, Втората светска војна и трагедијата на мајката која го загубила своето единствено дете. Насловната улога ја толкува Мери Бошкова (Фросина), а останатите улоги ги толкуваат Ацо Јовановски (Климе), Петар Вељановски, Нага Подерегин, Петре Прличко, Илија Џувалековски… Продуцент на филмот е „Вардар филм“.

Денови на македонската култура во Белград, „Допир на Македонија“, е манифестација од особено значење за македонската национална заедница во Србија, која се одржува по 13. пат во српската престолнина, а традиционално ја поддржуваат Македонскиот национален совет, Министерството за култура на Република Србија и претпријатијата Алкалоид и Фудекс.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK