Венко Андоновски во тесен избор за Толстоевата награда со уште седум писатели од светот

venko
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Романот „Папокот на светлината“ на Венко Андоновски е во тесен избор за престижната книжевна Толстоева награда „Јаснаја Полјана“, на Запад популарно нарекувана „Источен Букер“. Како што соопшти издавачот на романот, „ТРИ“, тоа во средата вечер, на свечена церемонија го соопштило жирито во состав: Владимир Илич Толстој (правнук на Лав Н. Толстој) и писателите Алексеј Варламов, Евгениј Водоласкин, Владимир Отрашенко и Павел Басински.

-Од 30 номинации од 16 земји, жирито во категоријата „странска литература“ се реши за осум наслови, наведува „ТРИ“. Покрај романот на Андоновски, во тесен избор за престижната книжевна награда се и романите: „Палата на соништата“ на Исмаил Кадаре (Албанија), „Внука“ на Бернхард Шлинк (Германија, познат по романот и филмот „Читачот“), „Зимски војник“ на Даниел Мејсон (САД, познат по „Пијано штимер“), „Пиштарки“ на Фернандо Арамбуру (Шпанија), „Кожурец“ на Џанг Јуеран (Кина), „Звукот на нештата што паѓаат“ на Хуан Габриел Васкез (Колумбија) и „Ветување“ на Дејмонд Галгут (Јужна Африка).


Романот на Андоновски на руски го преведе Олга Панкина, која е познат промотор на македонската култура во Руската Федерација. Ова е втора номинација на Андоновски за оваа награда. Во 2017 година беше номиниран неговиот роман „Папокот на светот“, исто така во превод на Олга Панкина, но не се најде во потесниот избор.

Името на лауреатот ќе биде објавено во октомври, на свечена церемонија на доделувањето на наградите „Јаснаја Полјана“. Наградата jа добиваат писателот и преведувачот.

Писателот Владислав Отрошенко, член на жирито, изјавил дека годинава имаат една од најизбалансираните кратки листи за странска литература, без доминација на некој јазик или регион.

За Венко Андоновски тој вели дека е исклучително талентиран автор од Источна Европа, кој уште пред неколку години го привлекол вниманието на жирито со „Папокот на светот“ и дека тогаш предизвикал „најжив и најголем интерес“.

-Нема сомнение дека денес тој е предводник и врвен претставник на балканската литература, длабоко ценета во Русија. Неговиот нов роман „Папокот на светлината“, во извонредниот превод на Олга Панкина, е прекрасен спој на умот, темпераментот, мудроста, имагинацијата и уметничкиот вкус. Во некоја смисла, близу до неговото дело е романот на албанскиот писател Исмаил Кадаре „Палата на соништата“. Иако книгата е напишана пред многу години, дури и денес, откако се појави првпат на руски, таа навистина фасцинира, бидејќи е длабока работа што може да постои надвор од времето и да зборува за сите времиња, вклучително и за нашето, наведува членот на жирито Отрошенко.

Според писателот Павел Басински, член на жирито за наградата, годинашниот потесен избор е интересен не само поради разновидните високоуметнички текстови во одлични преводи, туку и поради географската широчина на опфатот.

-Застапени се сите континенти освен Австралија: Европа, Азија, САД, Латинска Америка, Африка. Ова е навистина глобален поглед врз современата светска проза во нејзината најдобра форма, истакнал Басински.

Книжевната награда „Јаснаја Полјана“ е востановена во 2003 година, а ја доделуваат Музејот „Јаснаја Полјана“ и „Самсунг електроникс“. Наградата се доделува за најдобро прозно дело во четири номинации: современа руска проза, странска литература во превод на руски, пропуштени ремек-дела и личност.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK