Утре почнува Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО

teho
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Публиката која ќе дојде утре на отворањето и првиот ден од Меѓународниот хорски фестивал ТЕХО освен настапите на седумте хорови ќе може да види и изложба на плакати, фотографии и материјали од сите досегашни фестивалски изданија. Дел од изложбата ќе бидат и ретки фотографии кои сведочат за уште постарите моменти од долговечниот хорски живот во Тетово.

– Дел од изложените материјали ќе биде оригиналниот ракопис односно нотите кои за хорска изведба ги напишал Тодор Скаловски (1909-2004) за песната „Кажи Васке Евгова“ на првиот фестивал во 1973 година. Сите хорови имаа задача да ја изведат оваа народна песна која Скаловски ја хармонизираше за хорско пеење. Меѓу материјалите од изложбената поставка е и фотографија од 1913 година од хорот „Тетовска матица“, информира Ивица Зориќ, претседател на фестивалот.


Изложбата ќе биде поставена во фоајето на Центарот за култура „Иљо Антески – Смок“ во Тетово, за време на двете фестивалски вечери оваа сабота и недела, кои започнуваат во 19:30 часот.

Дел од фестивалот ќе бидат хорски настапи на православна хорска музика во тетовскиот соборен храм Свети Кирил и Методиј во недела од 12 часот. Влезот за сите настани е слободен.

Годинава ТЕХО бележи 50 години од првиот фестивал кој се одржал од 22 до 24 јуни 1973 година. На ова јубилејно издание ќе настапат 17 хорови и околу 600 хористи, а настанот е под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK