Триото „Интерарт“ со концерт на Бит Фест – вечер на врвна камерна музика во Офицерскиот дом


trio-interart.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Во рамките на програмата на БИТ ФЕСТ, во организација на Културно – информативниот центар од Битола, на 6 август (четврток), со почеток во 20:00 часот, во Свечената сала на Офицерскиот дом ќе настапи реномираното Трио „Интерарт“, еден од најпрепознатливите македонски камерни ансамбли со богата домашна и меѓународна концертна кариера.


Формирано во 1997 година во Германија, Триото „Интерарт“ повеќе од две децении е препознатливо по својата врвна интерпретација и посветеност на камерната музика. Денешната формација ја сочинуваат Александар Стефановски (флејта), Емилија Ристевска Стефановска (флејта) и Татјана Божиновска (пијано) – уметници кои зад себе имаат бројни солистички настапи, концертни турнеи и соработки со Македонската филхармонија.

Ансамблот се афирмираше и на меѓународната сцена со освојувањето на престижната „Диплома на честа“ на Torneo Internazionale di Musica во Париз во 2006 година, по што беше поканет да настапи во Рим заедно со најдобрите камерни состави – лауреати од целиот свет. Нивната успешна кариера продолжи со настапи во Франција, Италија, Германија, Грција, Хрватска, Норвешка, Турција и Соединетите Американски Држави, како и со промоции на три компакт-дискови.

Триото е добитник на престижната битолска награда „4 Ноември“, како и признанието „Најуспешни битолчани“, а зад себе има настапи на најзначајните музички фестивали во земјата, меѓу кои Охридско лето, Скопско лето, Интерфест – Битола, Хераклејски вечери, Златна лира и Битолско културно лето.

Во последните години ансамблот продолжува активно да ја претставува македонската музичка култура во странство. Во 2025 година настапи во Македонскиот културен центар во Истанбул, а оваа година и во Македонскиот културен центар во Загреб.

Концертот на Триото „Интерарт“ на БИТ ФЕСТ претставува можност публиката да ужива во вечер исполнета со префинета камерна музика и изведба на уметници чие творештво повеќе од две децении остава силен белег на македонската и меѓународната музичка сцена.

Влезот е слободен, а дел од програмата ќе бидат: G. Schocker: Three Dances, M. Videnovic: Ivino, A. Rubtsov: Marbella Fantasy и J. M. Damase: Trio.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK