Со промоција на книгата „Охридскиот XIX век“ Општина Охрид ги почна чествувањата на 120-годишнината од Илинденското востание

kultura
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Со денешната промоција на книгата „Охридскиот XIX век“ од професорите Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски, Општина Охрид ги започна чествувањата за одбележување на 2 Август и 120-годишнината од Илинденското востание.

На 219 страници во пет поглавја во авторското дело се опфатени најзначајните културолошки и социолошки појави во 19 век во Охрид, кои имале свои рефлексии во македонската современа литература.


Како што рече самиот коавтор Славе Ѓорѓо Димоски, книгата „Охридскиот XIX век“ според својата содржина е жива варница која на некој начин и го подготвува тој илинденски период за национално, духовно, економско ослободување на Македонија.

– Материјата што ја нуди овој град, ова поднебје, овој духовен реактивен центар дека е интересна и за современата литература и творци кои широкоградо се навраќаат кон темата Охрид. Ние со професорот Пандев во седум-осум книги направивме една вертикала од Свети Климен до денес. Сите кои ги имаат во раце овие книги може да ја видат таа вертикала духовна, но и сите книги ќе даваат поттик за идни истражувачи, идни научници да се зафаќаат со охридската тема, вели Димоски.

Неговиот колега Димитар Пандев е автор на првиот дел на книгата, во која фактографски се зборува за етимологијата на градот, научната, но уште повеќе народната.

– Во оваа книга има некои прашања кои не се засегнати, но претходно биле дадени во некоја од нашите претходни книги. Ја нема песната Охрид на Рајко Жинзифов, но затоа нејзе ја има во антологијата на песни „Дојди во Охрид“. Има одредени прашања кои и понатаму остануваат интерес за проучување. Како што постојат голем број недоречени прашања во смисла „Зошто Мисирков толку инсистира на охридското наречје во македонскиот литературен јазик. Бил ли Мисирков во Охрид?“. Тоа е една од оние книжевни фикции кои ги отвора оваа книга. Книгата „Охридскиот XIX век“ продолжува во една од нашите наредни книги, проекти на Општина Охрид, во која се зафаќаме со охридската поетска авангарда на XIX век, додаде Пандев.

Промоторот на авторското дело, проф.д-р Лилјана Гушевска, истакна дека охридскиот 19 век е клучен дел од македонскиот во целина, а книгата третира комплексна, неисцрпна тема, што остава можност да биде третирана на најразличен начин.

Како што рече, авторите на публикацијата настојуваат да дадат една поширока слика за охридскиот 19 век, па на заинтересираниот читател му нудат можност да се загледа во проложните животописи на охридскиот 19 век, да прочита неколку интересни мемоарски записи, но и извадоци од прозни, поетски и драмски дела од современата македонска книжевност инспирирани од Охрид и од некои познати или помалку познати личности кои живееле во градот или го посетиле во некое време.

– Ваквиот концепт на книгата не само што овозможува накусо да се проследи историјата на Охрид и улогата на охриѓаните во историските процеси и случувања, туку и сето тоа да се согледа во една временска вертикала, односно да се осознае нивното влијание, значење и место во традицијата што е јасен показател за тоа дека тие личности, настани, идеи, процеси, борби и премрежја останале трајно врежани во колективната и индивидуалната меморија и тоа не само на охриѓани, но и во народното творештво наоѓајки одраз и во современата македонска литература, потенцира Гушевска.

Промоцијата беше збогатена со уметнички перфоманси на актерката Валентина Божиноска и ансамблот „Билјана“. Книга е издадена со подрршка на Општина Охрид.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK