Во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје утре ќе се одржи завршната манифестација на шестиот фестивал на поезија за деца „Стихувалки 2023“. На свеченоста ќе биде промовирана збирката со поетски творби и ќе им бидат поделени признанија на сите 92 застапени автори, како и благодарници на помагатели и учесници.
По распишаниот конкурс за објавување поетски творби во збирката, аплицираа 172 афирмирани и неафирмирани македонски автори од повеќе градови, како и автори од соседните држави. Од нив, жири-комисијата избра 92 автори со нивните поетски творби кои се објавија во заедничка збирка „Стихувалки2023“.
Исто така, како што е најавено, за време на манифестацијата ќе се соопштат традиционалните награди на трите најдобри поетски творби за деца од тројца автори на кои ќе им се поделат златна плакета за првата награда, сребрена за втората и бронзена за третата награда.
Плакета со специјална награда ќе се додели за најдобра песна од странски автор.
-Оваа литературна манифестација има за цел да придонесе за книжевниот и културниот развој на литературата за деца, по пат на поттикнување на креативниот и творечкиот потенцијал на поетите кои пишуваат поезија за децата. Сите објавени песни во збирката континурано беа објавувани на фејсбук страницата „Стихувалки“, со што и публиката имаше можност да гласа за своите фаворити. Гласовите на публиката влијаат, но не се одлучувачки при изборот за награди од страна на жири-комисијата, соопштија организаторите.
Сите наградени автори ќе добијат подароци од мироносната градина на сликарот и хуманист Живко Поповски – Цветин.
Носител и организатор на проектот е издавачката куќа ЕДУКА МАК – Скопје. Автор на проектот и програмски уредник е м-р Ели Маказлиева.
На свеченоста ќе се обратат членовите на жири-комисијата, во улога на промотори на збирката „Стихувалки 2023“ – проф. д-р Кристина Николовска, проф. д-р Елизабета Бандиловска и Лила Арсова.