Се зголемува интересот за изучување на народните инструменти

gjdi_34535543
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Бобан Анакиев од Кочани шест години изработува народни инструменти и исто толку го усовршувал свирењето на нив. Лани, на Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Прилеп и на Рудина во Долнени, ја доби „Гајдата на Пеце“ како најдобар изведувач на овој традиционален и најпознат народен инструмент во земјава, најмногу во Прилепскиот регион.

Занаетот за изработка на гајдата, кавалот, кемането, тамбурата го учел од мајстори. Гајдата ја учел од Љубен Јуртоски и Томе Петрески, најпознатите изработувачи од Прилеп, а за тамбурата и кемането, занаетот го „крадел“ од Моне Димитров од кочанско Оризари и од Драги Атанасов од Кочани.


– Тие се нашата душа. Љубовта е неизмерна. И за изработката и за свирењето на народните инструменти. За една гајда да изработам ми треба барем една недела. Потоа се посветувам на свирењето, на звуците што се разлеваат, вели 21-годишниот Анакиев.

Средношколецот Стефан Трајковски, кој свири на гајда и е ученик во средното музичко-балетско училиште „Илија Николовски-Луј“ од Скопје, е еден од десеттината учесници на годинашниот семинар за изучување на народни инструменти и песни во рамки на фестивалот „Пеце Атанасовски“. Според него, љубовта кон фолклорното наследство е едноставна.

– Едноставно ја имаш љубовта да свириш на гајда. Или на тампура, на кавал, на кемане. Тоа те исполнува. Јас уживам кога свирам на гајда, вели Трајковски.

Во текот на 13-те години откако се одржува семинарот при Фестивалот за народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ над 150 учесници ги изучувале народните инструменти.

– Во 13 години имавме учесници од Македонија, од Србија, Русија, од Грција. Паметам, еден од учесниците од Грција нѐ замоли да учествува зашто неколку години ги собирал касетите на кои свирел Пеце Атанасовски и од нив, ем ја засакал гајдата, ем почнал да го изучува свирењето. Самоук. Посака да биде дел од Фестивалот, од семинарот. И дојде, на наше и негово задоволство, објаснува Горан Василески, раководител на семинарот.

Додава дека се зголемува љубовта за изучување на народните инструменти и песни.

– Сведоци сме дека ниту најмала веселба (а да не говориме за свадби), не може да се замислат без народните инструменти и песни. Оние изворните, вековните, подвлекува Василевски.

Каде се и од кога датираат корените за народните инструменти?

Традиционалните инструменти на овие простори од памтивек се изработувале, со времињата се усовршувале, а народниот изведувач со векови бил самоук учител и постепено го усовршувал изведувањето на традиционалниот, изворен мелос. Самоукото свирење се усовршувало од генерација на генерација за да се изнедрат врвни мајстори кои, пак, тоа го пренесувале на поколенија, во земјава, а и надвор од татковината, како што е примерот со генијалниот гајдаџија Пеце Атанасовски.

Во обидот да дознаеме каде и кога да ги бараме корените за изучувањето на народните инструменти, се наметнува една констатација – сѐ се врти околу изработувачот и изведувачот на народниот инструмент.

-Селаните од прилепско за една убава гајдарка во натура давале цела вреќа пченица. А најубавите гајди достигнувале вредност и до пет напалјони…Во минатото, гајдата била закачена на видно место во одајата. Секој не смеел да ја фаќа, да си игра со неа, освен сопственикот или оној кој знае да ракува со неа. Старите гајдаџии, обрнувајќи му големо внимание на инструментот, наедно влевале љубов и почит кон него, особено меѓу младите, етноорганологот Боривоје Џимвревски, познат аналитичар од етномузикологијата.

Истражувањата на Џимвревски покажале дека голем самоук изведувач на народни инструменти бил најголемиот собирач на народни умотворби Марко Цепенков. Тој вели дека самиот Цепенков признал (во своите собрани дела) дека сакал самиот да научи да свири на народни инструменти.

Низ времето, посебно од 19 век, со некои прекини до денес, секој град во државата создал своја традиција на народни инструменти и своевидни оркестарски традиции. Во помала или поголема форма, секој град ја доживувал и негувал сопствената музичка историја, во која се присутни музички состави или поединци кои оставале траен белег во незаборавот. Изучувањето било без некои посебни школи, зашто традицијата наследена од дедо, татко била многу силна.

-Мисијата на Пеце Атанасовски, уште од 70-тите години на минатиот век за негување на традиционалните музички инструменти на фестивалите, кои уште тогаш биле во фаза на изумирање и исчезнување, продолжува и денес. Со едукацијата, токму на овој Фестивал, се развила свеста кај младите за изучување на традиционалните инструменти и песни, а со тоа се родила и иницијативата за отворање на факултети, средни и основни училишта за изучување на традиционалните инструменти и песни. На тој начин се отворил мегдан каде може да се презентираат знаењето и умешноста на свирењето на народни инструменти и сето тоа да се наградува, објаснува етнологот Горан Василески, раководител на Семинарот за изучување на народните инструменти при Фестивалот „Пеце Атанасовски“.

Вели семинарот треба да продолжи уште долги години, но и да прерасне на повисоко ниво како практична настава во склоп на основните и на средните музички училишта каде се изучуваат традиционалните музички инструменти.

Интересно е и тврдењето на Мендо Ташкоски, професор по народни инструменти во основното музичко училиште „Ордан Михајлоски-Оцка“ кој наишол на податоци дека „пред да дојдат Османлиите во Прилеп, градот бил најголем гајдаџиски центар во Европа“.

Тој 15 години им предава изучување на народните инструменти на основците кои оттука го продолжуваат школувањето во средните училишта каде има отсек за народни инструменти во Штип и во Скопје, а потоа и на музичките академии и факултети во овие градови. Ташкоски, со поддршка на Драган Дутовски пред 15-тина години го отворил отсекот за народни инструменти во училиштето.

-Сакаме да формираме Оркестар на народни инструменти и песни, како здружение. Прилеп да го добие првиот официјален оркестар, да биде гордост за сеќавањето на Пеце Атанасовски. Своевиден учител за изучувањето на народните инструменти и песни е Фестивалот „Пеце Атанасовски“, истакнува Ташкоски, додавајќи дека Фестивалот сесрдно ја поддржува оваа иницијатива и сака да помогне.

Елизабета Митревска

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK