Во петок, 15-ти мај, во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска во галеријата „Империјал 1“ во Културно Информативниот центар во Скопје.
Изложбата ги преплетува фрагментите и трагите од градот оставени од неговите жители: пораки, почва, траги од гуми, градежен, дрвен и билен отпад – во тактилна архива што го мапира времето, трудот и еколошките сеќавања. Изложбата содржи пронајдени материјали на различни локации во градот, преточени во инсталации, кои стојат како сведоштво на негрижата. Слоевитите тули, цементните и градежните блокови, искосената трева, исечените дрвја, обојувањето на ткаенини, се траги што сведочат за гентрификацијата, екстракцијата и резултатите на урбаниот живот.
Ткаенините се читаат како палимпсести на градење и распаѓање, обоени од елементите во градот, прегазени од автомобилските гуми или потопени во водите на Вардар, се своевидни записи на нашето живеење. Како да го поправиме и да учиме од она што го оставаме зад себе? Работејќи со пронајдени материјали од различни локации во градот, Зафировска го практикува невидливиот труд на грижата, еколошките предизвици и начините на кои заедниците го чествуваат значењето на фрагментите. Интервенциите не само што ги зачувуваат остатоците, тие ги преведуваат во практики на сведочење и колективна имагинација за можна иднина.
„Резолуција на остатоците“ предлага модел на културна екологија, во која уметноста е помалку изолиран гест, туку платформа за граѓанска грижа. Секоја преплетена ветка, зашиена линија или фрагмент станува покана да се забави темпото на експлоатација, да се почитува средината и градот, и да се придонесе кон заедничките дејствија кои би резонирале долго по затворањето на изложбата.
Изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска е дел од „Како се ткаат градови“ овогодинешната тема на Европскиот месец на креативноста која се реализира во месец мај. Во соработка со Културно-информативниот центар, а поддржана од град Скопје, уметницата ја иницираше програмата „Негување на грижливи екосистеми“ која вклучи едукативна и изложбена програма, составена од работилници и изложби, во кои земаа учество ученици и наставници од основното училиште „Страшо Пинџур“.
Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски, координатор Емил Шулајковски, техничка поддршка Миле Брцески и Владо Кутузовски.
Зорица Зафировскa е уметница и културна работничка. Работи на социо-политички теми, како трговија со луѓе, бездомништво, заедништво, конзумеризам и екологија, за кои прави специфични, временско-просторни инсталации, мали акции и активности преку соработки и волонтирање. Силно верува во заедништво и посветува време, љубов и енергија во градење платформи за различни заедници и идеи, додека поддржува и соработува со разни културни организации, институции и фестивали.
Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е последипломска кандидатка на истиот факултет, по неуспешните културни студии на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро Балкан“. Членка е на Ф.Р.И.К. и селекторка на дел од видео програмата на ФРИК Фестивалот. Со-основачка е на Арт И.Н.С.T.И.T.У.T. проектниот простор воден од уметници во 2009 година, и со-основачка на иницијацијата „Моми“ во 2011 година.
Од 2013 година е членка на Јадро Асоцијација. Во 2014 година е една од добитничките на отворениот повик за млад уметник/ца на галеријата „Агенцијата за сериозни интереси“. Во 2016-та е добитничка на наградата „ДЕНЕС“ на Центарот за современи уметности – Скопје и ФРУ-Факултет за работи што не се учат. Има реализирано преку 15 самостојни изложби, акции и проекти во јавни и неистутиционални простори низ Балканот, Европа и Сад.