Довчерашната директорка на Филхармонијата, Тина Иванова, по повод нејзиното разрешување од работната функција директор вели дека тоа се случило бидејќи затсанала на страната на колективот, а не поради несовесно работење.
„Разрешена сум вчера, а не пролетоска кога оркестарот на филхармонијата и вработените го изразуваа револтот, затоа што и покрај купот инспекции што министерката наменски и во континуитет се до вчера ги испраќаше во филхармонијата со отворена намера да најде причина за нејзиниот вчерашен чин, инспекциите не беа во можност да и го испорачаат од неа бараниот материјал и истите НЕ утврдија никакви неправилности во моето и работењето на работењето и на институцијата. Се редеа: Трудова инспекција, две вонредни инспекции од Инспекторатот на Министерството за култура, комисија за увид во документација, група на административни службеници, вработени во Министерството за култура, станаа редовни посетители во нашата институција и се праќаа дури и по неколку пати за да „копаат“ работи кои не постојат единствено затоа што немаше, а и се уште нема, храброст да се каже дека ме разрешуваат поради непослушност“, вели Иванова.
Како што додаде, резултатите од инспекциите се јавно достапни документи и секој кој е заинтересиран може да види дека работата е прилично јасна и чиста.
Со ова разрешување,вели Иванова, и со начинот на кој тоа е направено, Министерството за култура, се разбира актуелната министерка, само потврди дека во моментот кога како директор на Македонската филхармонија одлучив да застанам на страна на мојот колектив, го направив, вистинскиот потег.
Рече дека после месеци буквално тортура врз неа и колективот од страна на министерката Бисера Костадиновска Стојчевска, на некој начин разрешувањето и претставува и растоварување од континуираниот мобинг зашто сите тие притисоци, навреди, обиди за понижувања, се нешто неразбирливо за нејзиниот урбан културолошки карактер.
„На новото раководство на Филхармонијата на чело со новоназначениот директор им посакувам успешна сезона, на вработените благодарност за четиригодишната кооперативност и посветеност, на Национален оркестар натамошна афирмација, на директорите на другите културни институции им праќам силна поддршка да истраат во оваа борба со ветерници, затоа што, како што во многу наврати сме дискутирале, ваков пандан на декултурализација на нашата национална култура немало никогаш во поновата историја на Македонија“, вели Иванова.
Филхармонија во повеќе наврати протестираше пред Владата и Министерството за култура по одлуката џез оркестарот времено да биде сместен во оваа институција. Пред два дена беше објавено дека ќе се уредува нов простор за џез оркестарот, а потоа директорката на Филхармонијата беше разрешена.