Во галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје вчеравечер беше промовирана новата стихозбирка „На врв на јазикот“ на академик Катица Ќулавкова.
Модераторката на настанот и уредничка на книгата Оливера Ќорвезироска истакна дека иако „На врв на јазикот“ е ново дело, заслужено се најде во едицијата „Македонски книжевни класици“, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“. Со тоа, како што рече, Ќулавкова им се придружува на великаните Блаже Конески, Оливера Николова, Петре М. Андреевски, Живко Чинго, Димитар Солев, Гане Тодоровски, Влада Урошевиќ, Петре Бакевски…
Промоторката на книгата, проф. д-р Наташа Аврамовска, во својот осврт кон книгата рече дека секоја одделна песна во оваа книга отвора нови хоризонти на смислата.
Книгата содржи 40 песни, поделени во седум циклуси: Забранета љубов, Копнеж по слобода, На врв на јазикот, Претечи, маченички (поетски драми), Неиспратени писма (меѓуциклус), Око соколово (трето око) и Годишни доба.
– „На врв на јазикот“ ја опева мојата приврзаност за она што го замислувам како свој прв мајчин и татков дом, мој и на мојот син, моето чедо. Главен предзнак на тој дом е „придавката“ македонски: македонскиот јазик, македонското поднебје, македонското минато, обредите, обичаите, верувањата и народните преданија на Македонците. Тој дом е навидум мал и затворен, суштински огромен и отворен поглед кон светот. Во него се прекршуваат разни светови, исто како што тој се прекршува во разни други светови, сеќавања, соништа, заблуди и предрасуди. Можеби остава впечаток дека е посесивен, ама тој впечаток е лажен. Се работи за потреба од „тло под нозете“, за „сопствена соба“, истакна Ќулавкова.
Катица Ќулавкова (Велес, 21.12.1951) е поет, есеист, теоретичар, раскажувач, препејувач и антологичар. Редовен професор (во пензија) по теорија на книжевноста, книжевна херменевтика и креативно пишување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје (Катедрата за општа и компаративна книжевност).
Ќулавкова е редовен член на МАНУ (од 2003), член на Европската академија на науките (Салцбург, од 2014) и потпретседател на Меѓународниот ПЕН (од 2008). Нејзини поетски книги се преведени на повеќе јазици (албански, англиски, бугарски, италијански, португалски, романски, руски, словенечки, српски, турски, француски, хрватски, црногорски, шпански).
Има објавено над 40 авторски книги поезија, огледи и раскази, како и дваесетина приредени антологии, хрестоматии и критички изданија. Раководела со повеќе републички и меѓународни истражувачки проекти. Основач е на е-списанието за компаратистика „Мираж“ и на мултијазичната колекција „Разноликост“ на Меѓународниот ПЕН, а претседавала шест години и со неговиот Комитет за превод и јазични права.
Добитник е на највисоката државна награда за животно дело на Македонија „11 Октомври“, како и на многубројни награди за поезија, критика и есеистика во земјата и во странство.