Вечерва, 26 септември, во киното „Фросина“ во соработка со Младинскиот културен центар ‒ Скопје со почеток од 19:00 часот ќе се одржи промоција на три стихозбирки од едицијата „Гравири“, едиција за современа европска поезија, на „ПНВ Публикации“ од Скопје. Станува збор за стихозбирките „Земјата под абажур“ од Драгослав Дедовиќ (Србија), „САНГ“ од Ален Брлек (Хрватска) и „Полето“ од Мартин Глаз Серуп (Данска).
Настанот ќе содржи поетско читање и разговор за предизвиците и задоволствата од преведувањето на делата помеѓу преведувачите Јовица Ивановски, Ѓоко Здравески и Јулијана Величковска, и авторите Драгослав Дедовиќ, Ален Брлек и Мартин Глаз Серуп.
„По успешниот настан „Во препев #1“ на кој синоќа беа промовирани книгите „На околу два и пол часа од рајот“ од Имануел Мифсуд (Малта), „Слободата чекори гола“ од Марам ал-Масри (Франција/Сирија) и „13 Хрватски поети: избор од современата хрватска поезија“, преку песните на Лана Деркач, се надеваме дека публиката повторно ќе се охрабри и активно ќе се вклучи со пишување свои стихови или со препев на некоја од песните на авторите на некој од странските јазици што ги познаваат, како што беше случај синоќа за време на паузата, помеѓу делот со читањето и разговорот. Сметам дека непосредната комуникација со публиката и бришењето на таа невидлива граница што ги омеѓува сцената и аудиториумот е клучна и нужна за авторот и делото вистински да допрат до своите читатели, што воедно се или можеби ќе бидат и идни писатели или преведувачи“ ‒ изјави Јулијана Величковска, главен и одговорен уредник на „ПНВ Публикации“.
Настанот е поддржан од „Традуки“ и од Данскиот фонд за уметност, а е во соработка со Хрватското друштво на писатели (ХДП) со кое „ПНВ Публикации“ склучи билатерална соработка за книжевна размена.
Драгослав Дедовиќ (1963, Земун) објавил 11 книги поезија, меѓу кои: „Kафе Суматра“, (Сараево, 2005), „Динарски Буда“ (Белград, 2008), „Усвитување“ (Нови Сад, 2013), „Земјата под абажур“ (Сараево, 2021). Лириката му е препеана на повеќе јазици, неколкупати е наградуван. Застапен е во антологии на српската, на босанскохерцеговската и на светската поезија. Од германски има преведено десетина прозни дела, како и лирика на низа современи германски поети.
„Земјата под абажур“, во препев на Јовица Ивановски беше издадена годинава со поддршка на Традуки.
Ален Брлек (1988, Загреб) пишува проза и поезија. Автор е на стихозбирките „Метакморфози“ (2015, Алгоритам; 2013 награда „На врх језика“), „Пратишина“ (2017, Контраст, Белград; второ издание 2012, Фрактура, Белград) и „Санг“ (2019, ХДП; награда „Мали Квирин“, во финале за наградите „Тин Ујевиќ“ и „Иван Горан Ковачиќ“). Збирките претставуваат трилогија на умот, духот и телото. Песните му се преведени на повеќе јазици и застапени се во неколку антологии на хрватската поезија. Во 2022 година избор песни е преведен и објавен на француски јазик од издавачката куќа Galerie – Librairie Lollave. Дел е од „Версополис“ и од музичко-поетскиот проект „Зарон“ заедно со Дарко Шепаровиќ, Емил Андреис и Луција Бутковиќ.
Неговата поезија на македонски во препев на Ѓоко Здравески е објавена во стихозбирката „Санг“ и во збирката „13 Хрватски поети: избор од современата македонска поезија“, обете годинешни изданија на „ПНВ Публикации“, поддржани од Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска.
Мартин Глаз Серуп е роден во 1978 година и живее во Копенхаген, Данска. Автор е на многу книги за деца, на книжевни критики, есеи и проза, како и на девет стихозбирки, меѓу кои најновата е „Бескрајно лето“ (2020), а веројатно најпозната на меѓународно ниво е поемата „Полето“ (2010), што досега е објавена во девет земји и е неговата првообјавена книга на македонски јазик.
Препевот од англиски е на Јулијана Величковска, а книгата, со поддршка на Данската фондација за уметност е издадена од „ПНВ Публикации“, Скопје.